Свет
20. February 2018 - 13:35

Уапсен поранешен портпарол на Нетанјаху и уште еден негов соработник

Израелската полиција соопшти дека во рамките на истрагата за корупција на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху уапсени се двајца негови блиски соработници - неговиот поранешен портпарол и поранешниот генерален секретар на Министерството за комуникации на Израел.

Поранешниот портпарол Нир Хефец и генералниот секретар на Министереството Шломо Филбер се обвинети дека поддржале одредби вредни неколку стотини милиони долари, кои требале да одат во корист на израелска компанија за телекомуникации „Безек“, а за возврат да добијат поволно претставување на Нетанјаху во медиумите.

Нетанјаху уште не е осомничен за овој случај, но се очекува да биде сослушан.

Во притвор е и мнозинскиот акционер на „Безек“, Шаул Елович, како и неговата сопруга, синот и други високи функционери на „Безек“.

Пред неколку дена, израелската полиција упати предлог до државниот обвинител да го обвини Нетанјаху за примање мито и измама, бидејќи постојат доволно докази за покренување на обвинение.