Трошок за еден пензионер го покриваат речиси двајца вработени, над 200 лица во ПИОМ земале плата, а не оделе на работа
Придонесите од вработените не можат да ги покријат трошоците за пензии. Трошокот за еден пензионер го покриваат скоро две вработени лица.
Државниот завод за ревизија утвдува низа пропусти во работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Според нивниот извештај, приходите на ПИОМ од година во година растат, но тоа наместо да ја намали, ја зголемува буџетската дупка бидејќи паралелно растат и социјалните трансфери. Во 2023-та Фондот има рекордни приходи од наплатени придонеси од над 63 милијарди денари, а сепак истата година дефицитот од над 30% е покриен од државниот буџет.
Но, финансиите не се единствените слабости во работењето на ПИОМ. Ревизорите откриле и фиктивни вработувања и спорни награди. На платниот список на Фондот се пронајдени 206 лица кои земале плата, а за кои не постои потврда дека оделе на работа. По основ на награди за вработени кои „постигнуваат особени залагања“ во 2023-та исплатени се 2,5 милиони денари, но според ревизорите за овие пари не постојат соодветни и веродостојни документи.
Покрај ова, според ревизорите ПИОМ со години се соочува со недостаток на стручен и обучен кадар во клучните сектори, подрачните единици, ИТ секторот и одделението за внатрешна ревизија.
Според ревизорите претходната влада го прекршила Изборниот законик со носењето на Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани само два месеци пред распишување на претседателските и парламентарните избори. Спротивно на членот 8-а од Изборниот законик во предизборниот период се исплатиле речиси 2 милијарди денари.
Сметката на фондот ја празнат и извршителите, кои повлекуваат пари за пензионери кои имаат долгови. По овој основ 18 извршители повлекле над 4 милиони денари во 2023та.
Извршената ревизија во подрачните единици на Фондот пак покажала дека ниту еден објект не ги исполнува основните хигиенски услови за работа, натписните табли се уништени, недостасува стручен кадар, а ревизорите објавија и слика од несоодветните услови во кои се чуваат предметите кои не се заштитени ниту од влага, кражба или поплава.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар