Македонија
29. January 2025 - 17:03

Битoлски хирург фатен како прима поткуп по направена операција на жолчка

Битолски хирург фатен како прима мито. 64 годишниот доктор познат меѓу битолчани, откако направил операција на жолчка кај жена, индиректно од синот побарал 150 евра за интервенцијата за да се почасти. Но вчера попладне кога ги примил парите не знаел дека се обележани и полицијата го фатила на лице место. 

- Тој се сомничи дека сторил кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик, односно дека по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп од лице од битолско. Кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава“, изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Хирургот пред пензија по кривичното дело е разрешен од раководната функција во болницата и е суспендиран од работата додека трае постапката, потврдија од клиничката болница. 

 - Како Клиничка болница се оградуваме од постапката на посочениот доктор. Категорично сме против и силно ја осудуваме секоја намера на здравствен работник да оштети пациент на било кој начин и во која било форма. Во овој случај, итно е спроведена постапка за смена на докторот од раководната позиција во болницата, а во консултација со Министерството за здравство и постапка за суспензија додека трае процесот на истражните органи, секако според важечките законски прописи!“, изјавија официјално од болницата. 

Битолската болница беше под лупа јавноста и минатата година по големиот број смртни случаи кои ги истражуваа и надлежните институции.