Македонија
4. January 2016 - 15:07

Триесет тони сол фрлени на улиците во Кисела Вода

На улиците во општина Кисела Вода фрлени се 30 тони сол низ улиците. Со специјализирани возила  за зимско одржување, се чистеше и во текот на вчерашниот и на денешниот ден.

Од Општина Кисела Вода информираат дека покрај фирмата “Анизор” која беше ангажирана од страна на општината, во справувањето со снежните наноси се ангажирани и сезонски работници, а на терен, е и кризниот штаб од општината. Расчистени се приодите околу градинките и училиштата, како и автобуските постојки каде вообичаено има повеќе луѓе.

Екипите на зимската служба, како што стои во соопштението, се подготвени со доволно сол и за нови поголеми врнежи од снег. Тие ќе ја следат состојбата и понатаму и доколку се појави потреба ќе реагираат согласно со условите на теренот.

Општина Кисела Вода апелира до граѓаните да го расчистат снегот пред своите дворови и влезовите на станбените згради, што е нивна законска обврска, со што ќе се овозможи проодност и непречен пристап до објектите.