Македонија
30. July 2018 - 8:19

Трет обид Димитров да реферира за надворешната политика

Во Собранието на Република Македонија денеска седници имаат закажано комисиите за надворешна политика, за култура, за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.

Комисијата за надворешна политика треба да ја продолжи седницата на која е најавено излагање за остварувањето на меѓународната политика на министерот за надворешни работи Никола Димитров. Седницата на оваа Комисија беше неколкупати одложувана.

Последното продолжение требаше да се одржи во четвртокот, но седницата беше одложена за понеделник. Претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски тогаш рече дека седницата ќе продолжи со работа кога пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат ќе ги добијат класифицираните материјали од две лидерски средби одржани кај претседателот на Република Македонија. Тој информираше дека пратениците со писмо ќе ги побараат овие материјали кои, според него, се наоѓаат кај генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова. 

На дневен ред на оваа седница се и претставување на платформите за дипломатските активности на амбасадорите на Република Македонија во Осло, Кралството Норвешка Серџим Мухамед, во Република Полска Васил Пановски, во Црна Гора Михајло Трпкоски, во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Александра Миовска и завршниот Извештај на Пајо Авировиќ, кој беше амбасадор во Израел. 

Собраниската Комисија за култура ја продолжува Надзорната расправа на тема: Законот за управување со Охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство. 

На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се измените и дополнувањата на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, во второ читање, Информација за спроведувањето на препораки на Народниот правобранител и измени и дополнување на Законот за судска служба, во прво читање.

Седница ќе одржи и Законодавно-правната комисија.