Македонија
18. January 2016 - 12:34

Традиционална прослава за Водокрст во тетовско Горно Маало

Во црквата „Света Богородица“ во тетовско Горно Маало денеска се одржа традиционалната прослава на празникот Водокрст што се одбележува еден ден пред празникот Богојавленије. Митрополитот тетовско гостиварски господин Јосиф во сослужение на повеќе свештеници од тетовското архиерејско намесништво на МПЦ – ОА отслужи света божествена и архиерејска литургија а потоа изврши осветување на водите и водокрст.

- Празнувајќи го овој празник како народ треба да имаме чувство дека над нас е отворено небото како при моментот на Христовото кршетвање во Јордан и оти ние како христијани треба да ја доживееме пораката на отецот небесен искажана со возљубениот син при неговото крштевање од светиот Јован Претеча, рече во својата беседа пред присутните господин Јосиф.

Нинослав Дамјаноски 18 годишен, беше најуспешен од четворицата момчиња кои се фрлија по крстот во базентот во црковниот двор.

- Ова ми е трета година како скокам по крстот. Првите две немав доволно среќа да го фатам но оваа третава ми се посреќи. Очекувам најпрво здравје, среќа, бериќет, љубов, изјави Дамјаноски.

Одбележувањето на овој празник еден ден пред Водици во црквата „Света Богородица“ има корени уште од крајот на деветнаесеттиот век кога за време на отоманското владеење пропагандите на околните држави влијаат на поделбата на македонскиот народ.

- Се сметало дека Света Богородица била просрпска црква, а Свети Никола како пробугарска црква па дури до таа мера било делењето на народот што дури и крстот решиле да го фрлаат во два различни денови. Но останало како фантастична традиција што до ден денеска постои, рече истражувачот за историјата на Тетово Дарко Гавровски.

Централната прослава на празникот Водици во Тетово утре ќе се одржи во соборниот храм „Светите Кирил и Методиј“, а овој празник ќе биде одбележан и во сите околни населени места со осветување на водите и фрлањето на крстот во базентите од црковните дворови или реките што минуваат низ Тетовско.