Македонија
30. April 2024 - 16:55

Одобрена екстрадицијата на Палевски

Одобрена екстрадицијата на Љупчо Палевски- Палчо од турскиот притвор каде се наоѓа повеќе од 4 месеци. Кога ќе биде трансферот на првоосомничениот за двете убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, институциите не откриваат.

Веста ја соопшти министерот за правда, Кренар Лога на својот фејсбук профил, кој ја искористи шансата да му даде и политичка конотација на случајот.

- Почитувани граѓани и непочитуван г. Ковачки,

Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски.

Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда.

Откако заврши судскиот процес во Турција за Палчо и административните процедури, останува само тој да биде донесен во Македонија. Од министерството за правда велат нивната работа веќе е завршена и сега останува на МВР да ја спроведе екстрадицијата.

Од МВР без конкретни датуми кога ќе биде екстрадиран Палчо.

Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР е известен дека се завршени потребните процедури во врска со овој случај и во координација со турската полиција се преземаат мерки за организација на преземањето на лицето и негова екстрадиција во Р.С.М.

Палчо кога ќе биде донесен во Македонија, ќе биде биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во Шутка.

По предлог на ОЈО Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднмаш по неговото испорачување, соопштија од Обвинителството.

Палчо е првоосомничен за двете убиства на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, чии беживотни тела беа пронајдени на 3 декември, едното во близина на скопското село Бразда, а другото во близина на Велес.

Тројца осомничени веќе се во притвор, додека таткото на Вања пред неколку дена беше пренесен во домашен притвор.