Македонија
28. February 2020 - 8:36

Тодоровиќ ќе сведочи за „Рекет“

Во Кривичниот суд треба да продолжи судењето за случајот „Рекет“. Вчерашното рочиште беше одложено за денеска поради отсуство на поранешниот градоначалник на Општина Центар и бизнисмен Владимир Тодоровиќ кој треба да сведочи на предлог на одбраната на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13.

Како сведок треба да се појави Лидија Јаневска, која за вчерашното рочиште немала уредна достава на покана.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Тодоровиќ е еден од 12-те предложени сведоци од обвинетиот Бојан Јовановски.

Судијката Васка Николовска-Масевска, информираше дека Судот го одбива барањето на обвинетиот Бојан Јовановски за укинување на мерката притвор.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.