Македонија
21. August 2024 - 10:49

Таравари: Зголемен е бројот на регистрирани случаи на Ковид, да се почитуваат препораките

Министерот за здравство Арбен Таравари потврди дека е зголемен бројот на регистрирани позитивни на Ковид во земјава и укажа дека треба да се почитуваат антиковид-правилата за проветрување и хигиена. За хоспитализираните пациенти кај кои ќе се открие вирусот, рече дека треба да продолжат да се лекуваат на истата клиника.

 - Има пораст на бројот на регистрирани со Ковид во државава, имаше состанок и Комисијата за заразни болести и имаме заклучок од нив како треба да се третираат - треба да се придржуваме на правилата – отворени простории, да нема повеќе луѓе на исто место, хигиената да се запазува. Меѓутоа, пациентите што се третираат на клиниките од одредена болест, а во меѓувреме се инфицираат и со Ковид, препораките се да продолжат со лекување во истата клиника, конзилијарен инфектолог да даде препорака за дополнителна терапија доколку треба. Повеќето пациенти очигледно го поминуваат асимптоматски или со многу лесна форма на симптоми, рече министерот Таравари на прес-конференција на која беа промовирани девет нови генерички лекови кои се ставаат на Позитивната листа.  

Соопшти дека на седница на Владата вчера дискутирале да се најде решение со кое ќе им се овозможи на докторите од приватно здравство да се вратат во јавното со оглед дека постои интерес. Како што рече, тоа ќе се однесува на експерти со над 10 години работно искуство, специјалисти и супспецијалисти, кои ќе бидат ангажирани во болници  во кои има  недостиг од  кадар.

- Многу сум сигурен дека ќе изнајдеме решение одреден број од нив да се вратат бидејќи  ова нѐ прави горди. Гледаме дека веќе има интерес од докторите кои работат во приватно здравство да се вратат во јавно здравство, што укажува дека се враќа довербата во јавните здравствени установи, истакна Таравари одговарајќи на новинарски прашања.

Во врска со одлуката на Владата да се формира комисија за изградба на дополнителни гаражи во Клиничкиот центар во Скопје, од кои некои  ќе бидат и катни, министерот рече дека комисијата ќе го спроведе јавниот повик за гаражите коишто ќе се прават по пат на јавно-приватно партнерство.

Очекува повикот што побргу да биде објавен од Министерството за здравство и за сите детали и барањата што ќе треба да ги исполнат заинтересираните компании, ќе има посебна прес-конференција. Министерот ги охрабри сите заинтересирани компании да конкурираат штом повикот биде објавен.

Во врска со тековниот тандер за компресорската станица за хируршките сали во Клинички центар, тој нема информации колку компании се пријавиле досега и рече дека тоа ќе биде познато по завршување на тендерот, на 12 септември.