Македонија
14. February 2025 - 19:44

Таравари бара во пакет со симболите да се решат и етнички прашања, за ВМРО-ДПМНЕ на маса е само промената на грбот

Заедно во пакет со пормената на грбот и химната да се решат и останатите етнички прашања како што е користењето на квотата од 20 отсто, побара денеска Таравари, како еден од лидерите на Вреди, за како што рече, владата да може да се фокусира на економија.  Сепак, Таравари, вели дека темата за идејно решение на државните симболи се уште не е отворена во албанската коалиција, иако вели дека постојните се остатоци од комунистичкиот режим.

За жал во минатиот период повеќе чувствителни теми се ставаа под тепих и некако се сокриваа, не сакавме да се соочиме. Подготвени сме да разговараме за пакет на мерки кои се останати нерешени во минатите дваесет, триесет години и во пакет да ги решиме. Зошто да тука да биде и грбот и химната и 20 % и други ако има етнички прашања и да се фокусираме, да се концентрираме веќе на  економија, антикорупција, евроинтеграции, тоа што ни се најбитни теми оти луѓето највеќе ова ги интересира, подобри плати и подобар живот.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека првично,  етнизирањето на темата за промена на грбот ја направиле ДУИ и СДСМ.

„ДУИ матрицата на етнизирање на сите важни прашања, и СДС пинг понг политиката треба да престане. Ниту некогаш било разговарано за промена на химната, ниту пак во иднина ќе се разговара. Граѓаните може да бидат спокојни. Времето на ДУИ и СДС на губење и порази на сите теми, со цел да се затскрие криминалот, помина“, реагираат од владејачката партија.

Македонската опозиција засега е против промената на грбот. Од СДСМ веќе се изјаснија дека постојниот грб е одлика на асномските вредности на кои е заснована државата. Велат дека власта ја отвора оваа тема само поради дефокус.

„Владата на Мицкоски преку министерот без ресор, Арбен Таравари, не информираше денес дека за неа поголем приоритет е решавањето на наводно отворените прашања за химната и грбот, а дури потоа фокусирање на проблемите како економијата, платите и здравството. Оваа шокантна изјава на министерот Таравари, кој се занимава со сè освен со здравството, за што е задолжен, потврдува дека Владата целосно се има откажано од она што навистина им е приоритет на граѓаните. Наместо решенија за реалните проблеми, сиромаштијата која расте и стандардот на граѓаните, Владата ќе го замајува народот со теми од минатото за да го одвлече вниманието од болната сегашност.

И од Левица велат дека најавената промена на државниот грб е директен удар на АСНОМ и дека оди единствнео во прилог на, како што пишуваат, балистичките апетити на партиите од албанскиот блок. 

Од ЛДП пак, веќе имаат и конкретен предлог –македонскиот рис. Државниот грб еднаш беше променет во 2014 година кога од комунистичкиот грб беше извадена петокраката.