Македонија
18. October 2016 - 14:03

Танчарите од „Dancers United MK“ заминуваат на светско првенство во Грац

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски присуствуваше на последната генерална проба на танчарската група „Dancers United MK“ пред нивното поаѓање на светското првенство во модерни танци за лица со посебни потреби што ќе се одржи во Грац, Австрија, од 19-ти до 23 октомври.

Министерството за труд и социјална политика неодамна склучи договор за спонзорство со „Dancers United MK“ со кој ќе бидат покриени најголемиот дел од финансиските потреби на оваа група танчари со Даунов синдром.

- Дарко, Александар, Ена, Јулијана, Оливер, Моника и Христијан е нашата репрезентација од студиото „Dancers United MK“ која ќе не претставува на ова светско првенство. Позитивна атмосфера, многу насмевки и еуфорија беше она што ја отсликуваше атмосферата во студиото. Министерката Ташевска-Ременски се увери во нивната подготвеност, а танчерите раскажаа за нивните тренизни и напорната работа која им претходела под палката на инструкторите Сара, Нермин и Виолета. На генералната проба можеше да се забележи дека нашата држава ќе има достојни претставници на светското првенство, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Министерката Ташевска-Ременски им посакала успешно претставување и реузлтати, нагласувајќи на неопходноста од грижа за лицата со посебни потреби.

- Стискаме палци и им посакуваме многу среќа на претстојното првенство со надеж дека ќе ги пречекаме со врвни резултати. Грижата за граѓаните, особено за потребите на лицата на кои нашата помош и нашата подадена рака им е неопходна, претставува сериозна должност и обврска, изјави Ташевска-Ременски.