Македонија
30. јуни 2017 - 9:13

Светски ден на астероидот

Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе го прослави Светскиот ден на астероидот кој од оваа година почнува да се одбележува на 30 јуни насекаде низ светот, согласно со официјалното прогласување од Генералното собрание на Обединетите нации  минатата година. 

По повод овој настан, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското истражувачко друштво и Астрономскиот центар „Орион“ ќе одржат серија кратки предавања во киното „Фросина“ и Планетариумот при МКЦ, а посетителите ќе може да го набљудуваат ноќното небо со телескопи, доколку дозволат временските услови. Влезниците, по цена од 100 денари, може да се набават на билетарата во Младинскиот културен центар.

На 30 јуни 1908 година релативно мал астероид од околу 40 метри навлегол во Земјината атмосфера над Сибир, каде експлодирал и притоа уништил ненаселен регион со големина на модерна метропола. Попознат како „Тунгуска метеорит“, овој настан е најмоќната природна експлозија во пишаната човекова историја.

- Свесни за опасноста од идни вакви настани, група научници, астронаути и лидери од бизнисот и технологијата, го основаа Денот на астероидите, глобална кампања која од 2015 година неофицијално се одржува на годишнината од експлозијата во Тунгуска. Целта е да едуцира за астероидите, да развие свест за потенцијалната опасност од нив и начините на кои може да се заштитиме од идни удари од астероиди. Покрај ова, кампањата ја потпиша и Декларацијата 100Х, која повикува на посветено искористување на современите астрономски набљудувачки капацитети и откривање на 100.000 нови астероиди секоја година во следните 10 години, информира Скопското астрономско друштво.