Македонија
2. January 2025 - 16:34

Судски совет утре избира претседател

Судскиот совет, утре ќе избира претседател, ама неизвесно е кој ќе застане на чело на телото кое унапредува и разрешува судии. Секој од 13 членови има право да предложи свој колега, а за избор се потребни најмалку осум гласови.

Според информации на Сител, на работниот колегиум кога се договарал датумот за одржување на седницата за избор, членовите не разговарале кој да биде предложен за претседател.

Во јавноста неофицијално како наследник на Дамева, се истакнуваат неодамна избраната Данка Ристова и Александар Камбовски. Двајцата, доаѓаат од редот на судиите со долгогодишна кариера во која ги поминале скоро сите скалила на правосудниот систем. Ристова остана недостапна за коментар, а Камбовски вели ако биде предложен за претседател, најверојатно ќе прифати да застане на чело на Судскиот совет. Вели ќе се залагал за транспарентност и соработка.

Откако Уставниот суд го укина правилото дека претседател треба да биде некој од членовите на советот избрани од Собранието, сега е отворен патот и судиите да можат да седнат на раководното место.

Изборот на Претседател се случува во период кога Владата најавува разрешување на петтемина членови предложени од Собранието заради негативниот извештај за работата на Судски совет. Во меѓувреме Министерството за правда подготвува нов закон.

„Овој процес ќе се одвива во консултација со правниците и експертите за правосудни реформи, за да се обезбеди дека се исполнети сите правни и етички стандарди“, вели за Локално, Министерот за правда, Игор Филков.

Судскиот совет цел месец е без претседател откако Весна Дамева поднесе оставка. Се пожали на притисоци од власта. Претходно функцијата ја напушти Црвенковска. Во работата на советот се мешала судска-бизнис елита.