Македонија
10. July 2024 - 16:38

Студентскиот дом „Стив Наумов” две години надвор од функција – каде ќе се сместат студентите?

Каде државата ќе ги смести студентите кои се запишани на скопските факултети? Ова прашање се отвара откако студентскиот дом “Стив Наумов” ги испрати последните гости и ќе биде темелно реновиран во наредните две години и нема да работи. Според информациите домот располага со 500 –тини места. Во меѓувреме ќе се обновува и “Кузман Јосифовски - Питу” во центарот на Скопје. Единствено функционален останува студентскиот “Гоце” во Тафталиџе. Од Универзитетското студентско собрание при УКИМ велат дека за овој проблем разговарале со претходниот министер за образование да изнајдат решение, а како тема ќе го наметнат и на првата средба со новата министерка. Имаат и нивни предлози.

  • Прво да има некои субвенции или надоместок за сите оние студенти од другите градови кои ги исполнуваат условите, а немаат место во државните домови поради настанатата ситуација за да се сместат во стан или некоја друга опција и второ може да се искористат простории во државни или градски институции кои се функционални времено да се преадаптираат во сместувачки капацитети за студенти, изјави Александар Ристоски, потпретседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ.

За неполн месец ќе излезат и конкусите за сместување во студентските домови во новата академска година. Од Универзитетското студентско собрание бараат во комисијата да има член и студент и да се стави крај на митото и врските туку место да добијат оние кои ги исполнуваат условите и се од поскромни социјални семејства.

  • Ќе бараме да има претставник студент во таа комисија и да се стави крај на врските и митото, а не да испадне дека имаме места, а тие места да ги добијат студенти кои по пшравило не би требало да ги добијат, вели Ристоски.

Од државниот студенски дом “Скопје” се прогласија за ненадлежни за сместување, а од министерството за образование велат дека започнале  процес на етапна реконструкција на државните студентски домови, а најпрво ќе бидат опфатени „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје. Додека трае реконструкцијата, која согласно договорот со изведувачот треба да заврши за 18 месеци, на заинтересираните студенти кои ќе се пријават на конкурс за користење на државни сместувачки капацитети, ќе им се понуди сместување во студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“, како и во дел од ученичките домови кои не се пополнуваа целосно во изминатите учебни години.

Но, дали овие алтернативи ќе бидат доволни ќе се знае по завршувањето на конкурсите за сместување.