Македонија
21. March 2024 - 16:48

Студентите од ФИНКИ протестираа оти немаат своја зграда, власта не го догради објектот почнат пред 8 години

Студентите од ФИНКИ точно напладне протестираа пред Владата затоа што немаат соодветни услови за учење. Со години се принудени да користат простории од соседните факултети оти немаат своја зграда, па предавањата им траат од утро до вечер. 

Поставија импровизирана училница на Илинденска и извикуваа дека е подобро министрите да се преселат во бараки.

Побараа привремено користење на објектот на Бирото за равој на образование, додека се најде трајно решение за деценискиот проблем.

„Основното барање кое го поставивме до Владата е на вчерашната седница да донесе одлука да се обезбеди дополнителен простор кој моментално се наоѓа на техничкиот кампус. Можеме да го адаптираме и од септември-октомври да започнеме малку во порелаксирана околина да ја спроведуваме наставата“ – Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ.

Од Бирото за развој на образованието се противат.

„Факултетот се дрзнува да дава „произволни“ решенија за Бирото, а што се од суштинско значење за институцијата, само за да реши сопствен „просторен проблем“ и тоа „привремено“. Нема да дозволиме „селење во непознат правец“ без соодветни услови за работа, со рушење на достоинството и на институцијата и на вработените“.

Негативно мислење испратиле и до министерот Шаќири, кој, пак, има и друга идеја.

„Ако во одреден факултет има слободни простории треба да најдеме решение во соработка со другите факултети да ги прифатат студентите на ФИНКИ, но повикувам и Владата и Министерството за финансии да ја поддржи изградбата на нов објект или тој веќе почнат објект“ – Јетон Шакири, министер за образование

Во буџетот за годинава не се предвидени пари за оваа намена.

Изградбата на зградата за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура почна пред 8 години, но откако фирмата изведувач отиде во стечај објектите останаа да стојат недоградени во фаза на карабина. 

Во цел мандат власта не почна со доградба. 

„Дозволата за градба за таа зграда истекува за една година и помалку. Тоа значи дека потоа ќе имаме правен вакуум за примо-предавање и ставање во функција на таа зграда кое може да потрае не знам колку време“ – Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ

На ФИНКИ студираат речиси 5 илјади студенти, а интересот за студии континурано расте секоја година.