Македонија
5. May 2024 - 16:54

Верниците го слават Велигден, црквата со порака за национално обединување и надминување на разногласијата

Торжествено со обиколка три пати околу Соборниот, храм верниците предводени од поглаварот на МПЦ ОА го навестија Христовото Воскресение. Голем црковно народен собир се одржа во храмот Св. Климент Охридски каде нешто по полноќ архиепископот Охридски Македонски ја соопшти најрадосната вест за победата на животот над смртта.

Во велигденската честитка поглаварот порача да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби.

Традицијата и оваа година продолжи со црковно народен собир, а во најголем број беа младите. 

Воскресна литургија го исполни Соборниот храм утрово со која началствуваше поглаварот. Пораки за национално едиство беа испратени од свештениците. 

Верниците се поздравуваат со поздравот ,,Христос Воскресе, Навистина Воскресе'' и се кршат со бојадисаните велигденски јајца. 

Христовото Воскресение е ветување за вечен живот, најголемиот настан во историјата на црквата врз кој се потпира верата на православниот свет. Велигден се слави три дена. Со зборовите ,,Христос Воскресе, Навистина Воскресе'' верниците си честитаат се до празникот Св. Спас.