Македонија
14. December 2019 - 17:42

Студенти од Благоевград ги изучуваат тајните на „Копачката“

Група студенти од Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ од Благоевград, Бугарија, денеска имаа можност да се запознаат со живото нематеријално културно наследство – орото „Копачка“. Водичот на групата Георги Георгиев кој воедно е и професор на катедрата за туризам на бугарскиот универзитет истакна дека посетата е дел од наставната програма на универзитетот на тема „Туризмот на Балканот“.

– Студентите во учебната програма имаат дисциплина „Туризмот на Балканот“, а една од темите кои не интересира е нематеријалното културно наследство на УНЕСКО. При овие посети, особено внимание посветуваме на 16 елементи на културните наследства кои се истражуваат од страна на Регионалниот центар на нематеријално наследство во Софија. Студентите доста добро се запознаени со нематеријалното културно наследство на Македонија при што денеска имавме за задача на студентите да ги погледнат „во живо“ тие елементи од нематеријалните културни наследства, во вашиот случај орото „Копачка“, истакна Георгиев.

Меѓу останатите цели на посетата, како што додаде Георгиев, е и меѓуграничната соработка меѓу двете држави.

– Иднината според мене е токму во тоа, да соработуваат двете држави заедно, а другите проблеми заедно да ги решаваме постепено. Оваа посета со задоволство ја реализиравме во Делчево, затоа што јас потекнувам од овде, мојата мајка е од овој крај и ни беше задоволство со студентите да го псоетиме ова место, додаде Георгиев.

По запознавањето со основните елементи на орото „Копачка“ кое веќе пет години е под закрила на УНЕСКО, гостите од Бугарија заминаа за Берово каде имаа за цел да се запознаат и со тамошното културно-историското наследство, се со цел во иднина да се работи на разработување на заеднички Интерег проекти во делот на културата.