Македонија
16. April 2024 - 12:31

Струмица почна да ја мери загаденоста на воздухот

Екологистите од Струмица започнаа со мерење на загаденоста на воздухот во градот. Дали има или не присуство на штени честички ќе се утврдува преку 20  мобилни станици кои веќе се ставени во функција.

Тимовите што го вршат мерењето се составени од активисти од еколошкото друштво Планетум и ученици од трите средни училишта кои претходно поминаа соодветна обука. Мерењето ќе се врши во различни временски интервали и на различни локации во текот на целата година за да може да се направи споредба на квалитетот на воздухот во и надвор од грејна сезона.

Добиените резултати од мерењата треба да им послужат на надлежните институции полесно да ги лоцираат загадувачите, но и да санкционираат доколку има потреба за тоа.

Мобилните станици за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух се набавени како дел од проектот  ,,Чист воздух, едуцирај и делувај,, кој е поддржан финансиски од проектот ,,Справување со загадувањето на воздухот,, како дел  од  програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска.

Во последните неколку години Струмица во континуитет е на врвот на листата најзагадени градови во државата. Ова го потврди и извештајот за 2023 година на швајцарската организација IQAir  според кој Струмица се најде меѓу првите 15 најзагадени градови во Европа.