Македонија
4. February 2024 - 16:41

Стратегијата за пласман на производството основа за земјоделието

Наместо во екот на бербата, стратегијата за пласманот на земјоделските производи треба да се прави сега,  на почетокот на производството, сметаат земјоделците. Според  претседателот на потсекторската група за градинарство при МЗШВ, Драги Памуков еден од главните проблеми кој се провлекува со години е недостатокот на комуникација и координација помеѓу главните чинители вклучени во ланецот на производство и продажба , почнувајќи од производителите, преку трговците па се до ресорното министерство. Тој смета дека со редовна комуникација може многу полесно да се дојде до решенија на голем дел од проблемите кои се повторуваат секоја сезона.

Памуков вели дека она што најмногу недостасува е база со податоци кој што и колку произведува и токму поради тоа имало периоди со хипер продукција и вишок производство кое многу често или останува во нивите или се продава под секоја пазарна цена.

Во моментов единствените податоци околу видот на културите кои се одгледуваат во одредени региони  може да се добијат врз основа на  пријавите за субвенции. Но, за  земјоделците тие не се доволни бидејќи станува збор за барања кои се однесуваат на засадена површина и затоа сметаат дека е неопходно да се направи систем кој ќе нуди многу попрецизни информации врз основа на кои сите вклучени во синџирот на производство и продажба ќе го планираат нивното работење.