Бизнис
15. February 2017 - 12:33

Стојановски: Во Илинден 33 странски инвестиции, невработеноста намалена на 6 проценти

Од 2008 година досега во Општина Илинден реализирани се 180 инвестиции, од кои 33 странски директни инвестиции (СДИ), а невработеноста која во 2008 година изнесуваше 38 проценти,  денес изнесува 6 проценти, информира градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски.

Истакна дека општината денеска интензивно работела на обнова на патиштата, на реализацијата на капиталниот проект за подобрување на локалната патна инфастурктура, изградба, санација, реконструкција и рехабилитација на општинските улици и патишта, кои се протегаат на должина од 275 километри низ целата општина, како и на подобрување на инфраструктурата во локалните економски зони и стопанските комплекси. Во текот на минатата година, рече тој, изградивме, рехабилитиравме, саниравме и реконструиравме 80 локални улици и патишта во должина од 22 километри, за што инвестиравме 170 милиони денари.

Како приоритет на општината го посочи и зголемувањето на безбедноста во сообраќајот преку изградба и реконструкција на пешачки и велосипедски патеки. Притоа, додаде, изградени се вкупно 15 километри пешачки и велосипедски патеки, патеки за спортување и рекреација, како и 7 нови мостови, од кои 6 пешачки, како дел од проектот „Изградба на 10 мостови“.

Во делот на заштита на животната средина, во рамките на проектот за изградба на систем за прифаќање, третман и одведување на отпадните фекални води од домаќинствата и од стопанските објекти, во 2016г. изградивме 2 сегменти од фекалната канализација со канализациски систем во вкупна должина од 7500 метри,  и 2 пречистителни станици во населба Илинден и Марино, со вкупен капацитет од 2.500 еквивалент/жители, кои опфаќаат 660 домаќинства, истакна на денешната прес-конференција Стојановски.

Информира и дека во насока на подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните на Општина Илинден превземени се  обврски и надлежности во сферата на здравството. - Изградивме и пуштивме во употреба нов објект на Амбуланта во Миладиновци, која опфаќа 4.500 жители од 6 населени места: Миладиновци, Бујковци, Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци и извршивме уредување на просторот околу амбулантата во населба Илинден, рече тој.

Општината, додаде работела и на унапредувањето на детската заштита, пред се преку изградба на нов дел и проширување на детската градинка „Гоце Делчев“, која сега има капацитет за згрижување на 400 дечиња.

Континуирано работевме на обезбедување поволни услови за негување и унапредување на културата. Во 2016 година изградивме два нови домови на култура во населените места Марино и Миладиновци, со што денес жителите на сите 12 населени места во Општина Илинден имаат свој простор за општествено делување, а го реализиравме и уникатниот, единствен и оригинален проект „Галерија на отворено“, кој опфаќа уредување на Домот на култура „Илинден“, рече градоначалникот Сојановски.

Се работело и на чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали. Исчистени се, потенцира тој, 60 километри од каналската мрежа, што е за 14 километри повеќе од планираните 46 километри за оваа година.

- Искористувајќи ги сите наши располжливи потенцијали, искуства, знаења и капацитети во соочувањето со предизвиците, во изминатата година целосно се насочивме кон реализација на предвидените проекти, во насока на обезбедување одржлив економско-социјален рамномерен развој и просперитетна иднина на жителите во сите 12 населени места во Општина Илинден, рече градоначалникот Стојановски.