Македонија
22. September 2022 - 11:55

ССМ доби поддршка од Европскиот синдикат за јавен сектор

– На конференцијата на тема „Заштита и зајакнување на синдикалните и работничките права во јавниот сектор“, која се одржа денеска во Скопје, на синдикатите од јавниот сектор од Европската Унија и Сојузот на синдикатите на Македонија, од страна на Европскиот синдикат за јавен сектор – ЕПСУ, Европската конфедерација на полициски синдикати – ЕУРОПОЛ и Европската асоцијација на воени синдикати – ЕУРОМИЛ, беше искажана безрезервна поддршка на борбата на ССМ за усогласување на платите на вработените во јавниот сектор и за генералниот штрајк во јавниот сектор.

– Сојузот на синдикатите на Македонија е единствен репрезентативен синдикат на национално ниво, во приватниот и во јавниот сектор и како таков има сериозна одговорност на планот на остварувањето, заштитата и унапредувањето на работничките права. Во таа насока во текот на оваа година ССМ е сериозно посветен на положбата на работниците во јавниот сектор кои со својата работа треба и мора да одговорат на потребите и интересите на граѓаните, истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски, кој ја ја отвори конференцијата и на присутните им се заблагодари за синдикалната солидарност искажана кон Сојузот.

Тој потенцираше дека се залагаат за стручна, компетентна и ефикасна јавната администрација која посветено ќе работи во интерес на потребите на граѓаните, но притоа, како што посочи, исто така се залагаат и за обезбедување на пристојна работа и целосно остварување на работничките права на вработените во овој важен сектор.

Димовски ги информираше претставниците од европските синдикати дека за жал во последните пет месеци поради „игноранскиот однос на Владата кон претставници на работниците“, социјалниот дијалог во државата не функционира и тоа е една од причините поради која има застој во колективното договарање во оваа дејност.

– Исто така, видлива е заложбата на ССМ и синдикатите од јавниот сектор здружени во ССМ за подобрување на економско-социјалната положба на работниците од јавниот сектор во текот на оваа година. Владата не го испочитува законот и на вработените за кои е надлежна не им ги зголеми платите поради што ССМ, заедно со целиот јавен сектор стапи во штрајк кој трае веќе три месеци. Штрајкот ги дава посакуваните резултати на локално ниво се склучуваат Колективни договори за зголемување на платите на локално ниво како и во јавните претпријатија и дел од министерствата, но за жал не и во најголем дел на министерствата и управата за кој е надлежна владата која сеуште одбива да ги зголеми платите и со тоа да им помогне на работниците да ја надминат оваа економска криза, нагласи Димовски.

Претседателот ССМ заклучи дека Сојузот останува на висината на задачата, докрај да се бори за зголемување на платите на сите вработени во јавниот сектор.