Средното училиште на Град Скопје „Сарај“ ќе добие спортска сала
Премиерот Зоран Заев, министерот за образование и наука Арбер Адеми, лидерот на ДУИ Али Ахмети и градоначалиците на Град Скопје и на општина Сарај, Петре Шилегов и Блерим Беџети, денеска го означија почетокот на изградбата на нова спортска сала во состав на средното училиште „Сарај“.
Министерот Адеми потенцираше дека оваа инвестиција, чија реализација започнува токму со новата учебна година, потврдува дека една од најприоритетните владини заложби во рамки на образовните политики е унапредувањето на инфраструктурните условите за квалитетна реализација на воспитно образовниот процес и за спортување и рекреација на најмладите.
- Оваа сала ќе ги исполнува сите најсовремени стандарди за квалитет, како од аспект на материјалите кои се применуваат за градба, така и од аспект на спортовите кои во неа ќе можат да се реализираат, како мал фудбал, ракомет, кошарка, одбојка, гимнастика, пинг понг, за што, ќе биде поставена соодветна опрема и спортски реквизити, рече Адеми додавајќи дека објектот ќе биде со површина од 1.300 метри квадратни со вградени соблекувални, простории за реквизитите, простории за наставниците, тоалети и трибински простор со 500 седишта.
Вкупната вредност на инвестицијата која целосно ќе ја реализира Министерството за образование и наука со буџетски средства и средства од Банката за развој при Советот на Европа, а во рамки на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали, изнесува 40 милиони денари.
Градоначалникот Шилегов рече дека Градот Скопје се вклучува во изградбата на оваа спортска сала преку обезбедување на целата потребна документација за изградба на салата и приклучоци за електрична енергија, вода, канализација, парно и телефон.
- Во СУГС „Сарај“ годинава настава ќе посетуваат над 600 ученици. Училиштето постои три години и бележи тенденција на раст на запишани ученици во прва година. Оваа година во училиштето се запишани 200 ученици, поделени во шест паралелки, од кои четири за гимназиско образование, а две за економско-стручно образование. Имајќи предвид дека станува збор за ново училиште, Градот е подготвен да излезе во пресрет на потребите за подобрување на условите за настава во ова училиште, истакна Шилегов.
Изградбата на оваа сала е трета инвестиција на Град Скопје во Сарај по изградбата на патот за Рашче и реконструкцијата на патот за Матка.
- Во оваа општина наскоро ќе направиме многу повеќе. Во таа насока, работиме на ревитализацијата на езерото „Треска“, а во план е и изготвување на Закон за заштита на Матка. Како што веќе знаете, Градот ова лето реконструираше 19 средни училишта во Скопје, од кои 13 училишта добиваат енергетско-ефикасни фасади, со пренамена на средствата кои беа предвидени за криминалниот проект Скопје 2014, нагласи Шилегов.
Како новитет, од оваа учебна година сите средношколци независно од местото на живеење ќе имаат можност да користат бесплатен превоз. Градот од својот буџет обезбеди средства за дополнителни над 2.000 ученици кои до сега не ги исполнувале условите за користење бесплатен превоз.
Министерот Адеми информираше дека салата треба да биде заокружена до почетокот на следната учебна година и дека освен за реализација на часовите по спорт и спортски активности, објектот ќе можат да го користат и спортските клубови, како и околното население. Рече дека освен оваа, во рамки на општина Сарај во тек е и изградба на спортска сала во состав на основното училиште во село Глумово.
Ново на Сител
-
Анкета: Криминалот и корупцијата најголем проблем во државата, ВМРО-ДПМНЕ со зголемена доверба споредено со парламентарните избори
-
Во Прилеп приведено лице барано со потерница
-
Најстудено во Берово и Попова Шапка, најмногу дожд во Дебар
-
На автопатот Тетово-Скопје животот го загуби 24 годишен возач од Свети Николе
-
Министерски состанок за Агендата за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт
-
Израелската војска соопшти дека извршила „десетици“ нови напади против Хезболах во Либан
-
Парламентарни избори во Австрија
-
Најмалку 100 луѓе го загубија животот во поплавите во Непал, 67 се водат како исчезнати, училиштата се затворени