Македонија
11. July 2016 - 13:11

Средба на лидерот на ДУИ со Викторија Нуланд

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска во Амбасадата на САД во Скопје се сретна со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот Викторија Нуланд.

Ахмети и Нуланд, како што се наведува во соопштението на ДУИ, разговарале околу начините како да се реши политичката криза во земјата и за враќање на евро-атлантската агенда.

Нуланд изразила проценка на САД за конструктивната улога на Ахмети кон постигнување решение, како и за тесната соработка со американските власти, се наведува во соопштението на ДУИ.

Лидерот на ДУИ Ахмети, од своја страна ја уверил Нуланд дека ДУИ е конструктивна за изнаоѓање решение и изразил оптимизам за брзо постигнување компромис од двете страни во наредните денови. Овој компромис треба да резултира со сеопфатни, веродостојни и демократски избори што е можно поскоро.

Ахмети, исто така, ја информирал Нуланд околу предлозите на ДУИ за чистење на Избирачкиот список и за медиумите, како и за потребата двете страни да се договорат дека се исполнети условите за избори, а потоа да се одреди датум за предвремени избори.

Соочувајќи се со ризик од различни влијанија, како што информираат од ДУИ Ахмети побарал поддршка од Америка за Македонија на патот кон интеграција во НАТО и ЕУ, при што Нуланд истакнала дека тоа е заедничка цел.