Македонија
1. February 2017 - 18:13

Средба на Груевски со германската амбасадорка Алтхаузер

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со членовите на Извршниот комитет Никола Попоски, Никола Тодоров и секретарот за меѓународна соработка Александар Николоски оствари средба со Кристине Алтхаузер амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија.

Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, германската амбасадорка истакнала дека интересот на Германија за актуелните  случувања по изборите во Македонија е многу голем, и се интересирала дали има нешто ново на тој план.

- Претседателот Груевски посочи дека живееме во време кога работите се јавни и нема што повеќе да додаде од она што е веќе јавно објавено. ВМРО-ДПМНЕ како партија која освои најголем број на гласови и мандати во Парламентот пристапи кон формирање на коалиција со ДУИ која како што е познато не беше договорена. Она што се очекува е одлуката на претседателот Иванов, по што ВМРО-ДПМНЕ ќе се прилагоди на таквата одлука, се вели во соопштението од партијата.

Груевски посочил дека ситуацијата е зрела за брзи избори, бидејќи, како што рекол, во моменталната ситуација кој и да формира Влада ќе има потешкотии во функционирањето на Парламентот и Владата поради тесното мнозинство, при што брзи избори се најдоброто решение.

- Тој истакна дека во однос на тезата која постои дека не треба да се губи време, посочи дека се согласува дека Македонија нема многу време за чекање и во ваква ситуација со актуелниот распоред на силите во Парламентот што не гарантира стабилност може да поминат една или две години, па затоа е подобро да се загубат два месеци за нови избори отколку неколку месеци или години, се посочува во соопштението.

Во него се додава дека германската амбасадорка Алтхаузер изразила изненадување зошто се бараат брзи избори и исткнала дека е потребно мандатот да се даде на втората по големина партија во Македонија. На ова Груевски ја прашал амбасадорката дали е тоа нејзина сугестија, по што германската амбасадорка се изјаснила дека „тоа е онака како што во моментот се гледа во Берлин“. 

- Груевски притоа истакна дека со разговорите за коалицирање со ДУИ ни се потврди сомнежот кој го имавме дека таква една Влада со таков распоред на сили во парламентот тешко ќе функционира и сега сме поубедени во тоа. Изрази жалење што некои партии имаат страв од избори, но ВМРО-ДПМНЕ нема таков страв од соочување со граѓаните и дека има многу примери во светот од такви брзи избори. Додаде дека веќе има искуство од функционирање на таква Влада која опстојуваше со тесно мнозинство во парламентот, еднаш како министер во Владата на Георгиевски втор пат како предводник на владата од 2006-та до 2008-ма година, каде парламентот беше заглавен со 150 недонесени закони, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со доделувањето на мандатот Груевски посочил дека по одржаните избори тој треба да се додели на победничката партија како што стои во Уставот, а оти по истекот на 20-те дена конечната одлука за поинакво одлучување е работа на Претседателот на државата.

- Груевски истакна дека ако е така напишано во Уставот, тогаш не би имале против друг да го добие мандатот. Германската амбасадорка Алтхаузер посочи дека се чини на изборите имавме двајца победници и двете страни славеа, запрашувајќи зошто да нема втор обид за составување на Влада? Груевски околу ставот за тоа кој е победник на изборите посочи дека малку се релативирзира од страна на амбасадорката додавајќи дека победник е оној кој освоил најмногу гласови и пратеници, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, по што се согласи германската амбасадорка дека е точно дека победник е партијата со најголем број на гласови и пратеници.  Другите партии може да слават, и тоа не е забрането, но и дека истите тие имаат историја да ги слават своите порази, информираат од партијата.

Околу вториот обид за составување Влада Груевски посочил дека не е на ВМРО-ДПМНЕ да каже дали ќе има втор обид, она што може да се каже како партиски став е дека ВМРО-ДПМНЕ е за брзи избори, но не и да толкува нешто што веќе го има или го нема во Уставот.

Никола Попоски изразил сугестија со која почитувајќи ја улогата на Европската Унија укажал да не се остава впечаток на преголемо мешање на странските фактори кај тие кои што носат одлуки во име на граѓаните со цел, како што рекол, да не се вратиме на впечатокот дека друг ги носи одлуките и има големо влијание, бидејќи на крајот и перцпецијата е важна работа, работејќи на зацртаната наша стратешка цел членство во ЕУ и НАТО.

- Тој посочи дека граѓаните кажуваат кои да ги носи одлуките и треба да се остави тие да продолжат да одлучуваат за сите важни прашања. Германската амбасадорка посочи дека заеднички сме сложни дека целта е ЕУ и НАТО и дека се преставува Европската Унија и на тоа не треба да се гледа како на мешање. Таа посочи дека патот кон ЕУ е тесен и дека заеднички се ангажирани кон преставување на Европската Унија сакајќи да помогнат. Груевски изрази благодарност за тоа, посочувајќи дека перцепцијата во последните две години е дека сето тоа е повеќе од преставување. Ги поминува границите на преставување, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Соговорниците на крајот од средбата изразиле согласност за понатамошна соработка во сферите од заеднички интерес.