Македонија
7. November 2019 - 12:28

Средба на Џафери со поранешниот генерален секретар на Сојузното собрание на Швајцарија Кристоф Ланц

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со поранешниот Генерален секретар на Сојузното собрание на Швајцарија  Кристоф Ланц и главен технички консултант на СДЦ за Програмата за парламентарна поддршка.

На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, присуствувале Генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија Иванова, швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада и Роберт Скот Хејзлет претставник од НДИ.

Џафери, на средбата се заблагодарил за континуираната поддршка од страна на Швајцарија и изразил задоволство од досегашната соработка за проектот „Програма за Парламентарна Поддршка“ кој ќе ги подржува напорите за независност на Собранието, преку градење консензус, структурни реформи и капацитети за институционален развој, зајакнување на законодавната и надзорната улога, институционалната транспарентност и отчетност. Тој ги потенцирал проектите кои успешно се реализираат во Собранието при што подвлече дека неговите заложби, заедно со потпретседателите, Генералната секретарка и замениците на Генералната секретарка се во насока на креирање на трајни позитивни промени кои се значајни најмногу за граѓаните на Република Северна Македонија.

Генералната секретарка Иванова ја потврди силната поддршка од раководството на законодавниот дом за реализирање на овој проект, при што информираше дека веќе се започнати неколку фази од неговата реализација.

Поранешниот генерален секретар на Сојузното собрание на Швајцарија Кристоф Ланц, упати честитка за отпочнувањето на проектот и за добрата волја за соработка на членовите во насока на зголемување на транспарентноста, ефикасноста и демократијата на Собранието како клучна институција во секоја земја. Тој искажа големо задоволство што своето богато практично искуство од долгогодишното работење ќе може да го применува во овој проект. Истакна дека е горд што Северна Македонија е одбрана како земја во која Швајцарија се вложува со своите проекти и верува во позитивен исход.

Амбасадорката на Швајцарија Техада истакнала дека би сакала да постои добра синергија во работата на сите актуелни проекти, сметајќи дека таквиот начин на широка соработка ќе придонесе за успешно Собрание.