Спелеологијата развива алтернативен туризам
Подводната пештера Врело на Матка неодамна откри уште еден дел од својата недопрена убавина и со својата загадочност ги остави спелеолозите и натаму љубопитни и упорни во намерата докрај да ја истражат. Последното нуркање на спелеолошкиот нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска потврди дека пештерата е подлабока од 230 метри, колку што тој нурна во нејзините длабочини со што го сруши рекордот за најдлабоко нуркање во подводната пештера Врело. Претходно, во 2010 година, италијанскиот нуркач Луиџи Касати се спушти до 212 метри во нејзината утроба. Со оглед на тоа што и на оваа длабочина визуелно имало видливост, се потврдува дека пештерата е подлабока, дури и до 330 метри, како што се верува.
После нејзиното последно истражување сигурно е дека таа и натаму ќе привлекува спелеолози од разни делови на светот. Исто како и многубројните кањони, клисури и пештери во Македонија кои се во интерес на странците, спелеолози и оние кои се занимаваат со спортска спелеологија или се аматери вљубеници во природата, и кои, ако соодветно се промовираат, можат да придонесат во развојот и на спелеолошкиот туризам. Секако, со сите нужни заштитни механизми.
Интересни за туристи и за научници
До денес во Македонија се истражени околу 350 пештери, а регистрирани се 164 пештери и 12 јами и понори. Но, вкупниот број на пештери изнесува над 500, распоредени на територијата на 36 општини. Тие претставуваат големо природно богатство за државата. Тоа е една импозантна бројка од разновидност, големина и височина, на каналите и таваните...Уште подрагоцен е нивното внатрешно богатство кое изобилува со украси од сталактити, сталагмити, драперии, стилови и столбови што се благо речено величенствени. Карпите пак се шаренолики, варовнички и еруптивни.
За жал малку од нив се уредени за туризам. Па, сепак, она што дава за право дека за овој алтернативен туризам, што е кај нас се’ уште во зародиш, постои голем потенцијал, е фактот што добар дел од нив чекаат да бидат истражени и отворени за научниците но и за туристите. Притоа, ние сме една од ретките во која, во цела Западна и Централна Македонија и мали делови од Источна Македонија, што има наслаги од варовник и доломит.
Со оглед на изобилството на пештери и нивните скриени убавини, во земјава постојат многу добри предуслови за развој на спелеолошкиот туризам. Дури, заради спелеолошкиот потенцијал, овој алтернативен вид на туризам, во иднина би требало да доживее експанзивен развој. Што од една страна би довело до вреднување на големиот број богати и непроценети спелеолошки локалитети, а од друга би значел дополнителни приходи за сите инволвирани. Секако доколку реално, правилно и организирано се понудат на домашниот и странски туристички пазар што би значело дополнителна афирмација на државата како потенцијална меѓународна туристичка дестинација.
Спелеологијата е наука која ги проучува пештерите, пропастите и сите други подземни природни феномени, нивниот изглед, структура, физички карактеристики, животни форми и процеси преку кои тие се формирале и се менувале во текот на времето. Оттука, таргетната група би била од научници истражувачи и експерти, односно посетители со одредени знаења и интереси за спелеолошките феномени и нивното значење. Еднакво како и на вљубеници во мистичното, докрај неоткриеното, подземното, авантуристи и рекреативци.
Освен што претставуваат важни геоморфолошки, геолошки, биолошки, историски, културни, археолошки и палеонтолошки лаборатории, пештерите и пропастите се привлечни за туристичка посета и други аспекти како естетки, оброзавни, здравствени па и религиски. Последново се однесува на монашките испосници и пештерни цркви што во голем број ги има во Велешко и во карпите долж Охридското Езеро.
Туристички, пештерите се куриозитетни со структурата и релјефот, со бројните лавиринти, длабоки понори, сали во различни облици и димензии, жуборливи подземни чисти питки реки и езерца, со необичен жив свет, со столбови и скулптурни пештерски украси и завеси, колоритни корали и бисери од снежно бели до темно кафени, кои побудуваат чувство на восхит... Импозантни дела како и сознанието дека за да може да израсне само еден милиметар талог потребни се 10 до 100 години во зависност од брзината на капење. Магија што секоја година привлекува голем број туристи со желба да ги посетат и видат, а добар дел и да ги истражат.
Старост од милиони години
Докажано е дека настанувањето на пештерите и пропастите е овозможено со интеракција на геологијата, климатологијата и хидрологијата, меѓутоа нивното датирање е многу сложено и скапо. Според светските научни истражувања тие би можеле да се стари од неколку милиони па до 10 милиони години. Староста на македонските пештери и пропасти се’ уште не е утврдена.
Од спелеолошки аспект за Македонија е интересно што иако карбонатните карпи кои се основа за формирање на пештерите и пропастите, на нашата територијата зафаќаат мал простор, околу 10 проценти сепак на нив се формирале значителен број на спелеолошки објекти. Првите спелеолошки научни информации се за пештерската фауна на пештерата Мечкина дупка во близина на Охрид уште во 1924.
Сепак издадените резултати за пештерата Дона Дука од академик Петар Јовановиќ во 1925 година ги формира студиите од областа на географијата на тогашниот Филозофски факултет и ги започнува карстолошките истражувања во поблиската околина и во 1925 година ги објавува истражувањата на пештерата Дона Дука во должина од 200 метри, се сметаат за почеток на спелеолошките истражување во Македонија. Во 1980 година СП Пеони ја направија првата македонска спелеолошка експедиција на планината Јакупица каде е откриена најдлабоката јама во Македонија, Солунска глава (-450 метри).
Со законот за заштита на природните реткости под соодветна грижа се Горна Слатинска пештера, Млечник, Убава и Пешна. Пештерата Горна Слатинска кај Македонски Брод, на пример, е единствената пештера со влез и излез во Македонија. Една од најдлабоките со 450 метри се смета онаа на Солунска Глава. Исклучителна е по тоа што првите 200 метри се вертикала, за потоа да се шири во голема сала со висина на сводовите од 50 метри. Се смета дека сводот е еден од најголемите на Балканот. Оние што ја посетиле велат дека пештерата е украсена со зелен мраз и сталагмити до два метра.
За најдолга хоризонтална спелеолошка пештера со 955 метри се смета „Бела Вода“, токму кај Демир Капија. Според спелеолозите, на крајот од пештерата има езерце опкружено со величествени скулптури. Најубава е „Слатински извор“ која поради тешко достапноста најмногу е и сочувана. Интересна е и пештерата „Змеовец“ кај селото Крапа за чија вода уште Марко Цепенков запишал дека е лековита.
Пештерите и пропастите во Македонија можат да остварат значајни приходи доколку се вложат дополнителни средства во овој вид туризам при што се прават напори за спроведување на таква развојна стратегија со која во голема мера би го поттикнале нивниот развој. Но, тие се природно богатство кое треба прво да се заштити, а потоа да се дозволи да се посетуваат. Можноста за посета на сите тие убавини треба да е многу добро осмислена и контролирана за да се сочуваат што е можно повеќе и да се овозможи природниот процес на делување во тие простори непречено да се одвива.
Кети Мицковска/МИА
Ново на Сител
-
Загубите на вода во водоснабдителните системи се „рак рана“ за сите јавни комунални претпријатија
-
Немаме сушари за сушење овошје и зеленчук
-
Увозното смрзнато ќе се заменува со домашно свежо свинско месо
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со Борко Ристовски, министер за спорт
-
Мицкоски оптимист за ЕУ интеграцијата и покрај ставовите на Кос
-
Гаши за уставните измени
-
Mицкоски ќе оди на средба со банкарите – да им го каже она што сакал да им го каже