Македонија
18. April 2024 - 19:52

Специјализантите в понеделник во 5 до 12 ќе штрајкуваат пред Министерството за да ги види и слушне Демири

Точно во 5 до 12 в понеделник приватните специјализанти ќе штрајкуваат пред министерството, како што велат за “македонското здравство”. Одлучиле да се соберат пред кабинетот на Демири за да ги види и слушне. Младите лекари се свесни дека најавеното решавање на нивниот статус е долг процес и затоа итно бараат решавање на првите две барања: поголеми плати и здравствено осигурување.

- Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, во понеделник, во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, изјави д-р Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина.

Наместо подршка од постарите колеги приватните специјализанти веќе почнале да трпат притисоци од специјалисти.

Приватните специјализанти од понеделникот стапија во генерален штрајк. Не работат во амбулантите и не влегуваат во операционите сали. Најавија дека ќе штрајкуваат се додека не добијат пристојни месечни примања, наместо сегашните речиси минимални 26.000 денари.