Македонија
9. July 2021 - 11:09

Спасовски: Имаме посебен тим за лицата што се бараат по потерници, листата е преполовена

Од септември минатата година имаме оперативен план со стратешки пристап за апсење и пронаоѓање на лица што се бараат по потерници, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостувањето на „Утрински брифинг“. Тој додаде дека во оваа насока е оформен тим од исклучителни професионалци, кој дава резултати.

Министерот за внатрешни работи истакна дека веќе стотина лица се уапсени од оние што се барале со потерници, а во топ приоритет се лицата што се осудени на повисока затворска казна или пак по кои подолг период се трага.

-Вчера имавме едно такво приведување на лице кое беше осудено на дваесет години затвор, минатата недела уапсивме лице што седумнаесет години се криеше од лицето на правдата. На оваа листа имавме многу лица од домашни и меѓународни потерници, па дури имавме и апсења и во други земји, изјави Спасовски.

Министерот тврди дека лицата што се наоѓаат на домашни и меѓународни потерници се стратешки приоритет за државата и ако како општество сакаме ефикасни кривични постапки и борба против криминалот тогаш краен епилог е лицето да ја одлежи казната и да му се одземе нелегално стекнатиот имот.

Тој кажа дека дваесетина лица биле топ приоритет, а од септември до денеска оваа листа е преполовена е листата.

-Повеќе од десет лица што ни беа топ приоритет се веќе уапсени, тимот дава извонредни резултати, заклучи Спасовски.

Нагласи дека е забележан пораст и во однос на откриени криминални групи за трговија со луѓе.

-Трговијата со луѓе, вклучувајќи ги и децата, е сериозен предизвик за полицијата, нагласи Спасовски и додаде дека како држава уште од 2017 година имаме преземано сериозни чекори во правец на стратешко поставување во борбата против овој тип на криминална организираност, а од таа причина власта поставила и национален координатор и национален тим.

-Во 2020 година немаме откриен случај на трговија со луѓе, а во 2019 година имавме пет случаи. Забележано е и намалување на обидите за илегален влез. Добро е што обидот за илегален влез е намален и тоа покажува дека секоја од државите презема мерки за намалување на илегалната миграција. Но, криумчарењето мигранти е познат феномен кој постои одамна, а ние имаме пораст за 32 отсто на откриени и сузбиени криминални групи и кривично се гонат тие лица, изјави Спасовски.

Министерот истакна дека кога се зборува за жртви на семејно насилство, трговија со луѓе или експлоатација на интернет треба цело општество да ја покрене свеста, но и да се покрене свеста внатре во институциите.

-Треба да имаме образовани службеници. Конкретно за трговијата со луѓе имаме таск-форсови, кои се специјализирано обучени како да постапат со жртвите на трговија луѓе, како да се препознае трговијата со луѓе… Се водат многу кампањи и свеста е подигната, но мора ја креваме уште повеќе. Не дека нема проблем понекогаш со однесување на полициските службеници, но генерално имаме сериозно постапување и собирање докази од страна на полицијата, истакна Спасовски.

Тој нагласи дека клучен приоритет за полицијата е да се вратат активно финансиските истраги и откри дека поради неводењето на финансиски истраги, од 1991 година па се до 2017 година реализирани се единствено три конфискации на имот.

-Веќе се направени тимови кои паралелно работат на финансиска истрага и покрај кривичната истрага. Ако се нудат милионски суми за кауции, тоа е доволен мотив за финансика истрага. Не само што ќе се истражат тие понудени пари, туку уверен сум дека луѓето што ги нудат тие пари имаат многу повеќе средства стекнати на нелегален начин, освен овие што ги имаат понудено за кауција, вели Спасовски.

Министерот кажа дека се води финансиска истрага континуирано во предмети каде ќе се утврди нелегално прибавување имотно правна корист.

-Ако направат кривично дело, гледаме и дали сториле нелегално прибавување. На тоа работи единица во Одделот на организираниот криминал за цела држава, но наша цел е во секој сектор на внатрешни работи да имаме ваква посебна единица, заклучи Спасовски.