Македонија
25. јуни 2024 - 16:41

Од министерска во директорска фотелја – Фатмир Меџити е нов директор на Клиниката за неврологија

Поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити е назначен за нов медицински директор на неврологија. Тој е специјалист невролог и е вработен на Клиниката. Прв човек доби и Токсикологија, со установата која неколку месеци ја бранува скандали ќе раководи Андон Чибишев, кој и во време на поранешната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ неколку години беше директор.

Овие експресни промени во здравството следат откако министерот Арбен Таравари ја разреши Бесија Иљази и економските на Неврологија и уште 7 други клиники. Токму за Иљази во повеќе наврати стручниот колегиум и најголем дел од вработените посочуваа дека лошо менаџира и работи неправилно. За неа и ДКСК констатираше дека им дала незаконски решенија на 11 договорци и најавија дека ќе иницираат постапка до надлежните истражни органи. Дали се уврдени неправилности во нејзиното работење Таравари одговори:

- Најверојатно да, службите го имаат тоа, секако дека ние одлучивме веднаш да се разреши и да се назначи нов директор. Нема да има веќе економски директори, тоа е целта, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Утре нов медицински директор ќе добие и Онкологија бидејќи решението на актуелната директорка било до средината на јуни. Кој ќе раководи со установата која има наплив од пациенти, нема персонал, кубури со терапија и е предмет на истрага од јавното обвинителство Таравари не откри. 

Нови директори ќе има речиси на сите клиники, а најавите за спојување на клинички со само еден директор очигледно ќе се случува наредната година.

- Истото важи и за здравствените домови и за болниците. Зборувам за помалите градови каде што има општа болница и здравствен дом, ќе бидат споени во едно што ќе се вика општа болница. Нема да има двајца, тројца, четворица директори, туку само еден, како што беше порано.

По вчерашните најави дека до петок ќе се знае како ќе се решава проблемот со хируршките сали, Таравари рече дека на првата Владина седница ќе побара да се инсталира нов компресорски систем за да не се ризикува со животот на пациентите.