Македонија
10. October 2024 - 16:38

Советот на Европа со нова критика до Бугарија – Нема свест за правата на малцинствата

Советот на Европа повторно ја опоменува Бугарија. Во најновиот документ Советодавниот комитет заклучува дека во Бугарија не постои свест за правата на малцинставата, а тоа ги обесхрабрува Македонците да се самоидентификуваат.

„Додека Бугарија играше сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои им припаѓаат на бугарските малцинства во странство, вакви напори не биле забележани и во рамките на Бугарија. Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни. Власите не гледаат објективни критериуми ниту за лицата кои се идентификуваат како Помаци односно етничките Македонци со исламска вероисповед кои во земјата и натаму се нарекуваат бугарски муслимани“, стои во извештајот на Советодавниот комитет.

Во документот се потсетува и дека Европскиот суд за човекови права во 12 предмети против Бугарија утврдил непочитување на правото на слобода на собирање и здружување, поднесени од здруженијата на Македонците, кои властит упорно одбиваат да ги регистрираат. Пријавени се и напади за време на јавни настани, како и пречки во организирање протести и различни настани од страна на етничките Македонци. 

Советодавниот комитет утврдува и итни препораки дека правата на малцинствата и нивната ефективна реализација мора да бидат приоритет за властите, да го поддржат учењето на малцинските јазици и да обезбедат континуитет на наставата од предучилишно до високо образование.

И комитетот на министри на Советот на Европа пред 20-тина дена укажа дека Бугарија повеќе од 18 години не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права и не дозволува регистрирање на македонски здруженија, за што Бугарија доби рок до 16 декември да преземе конкретни чекори.