Свет
5. March 2025 - 8:12

Состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ, меѓу темите и можниот старт на ЕТИАС системот

Состојбите во Шенген зоната, ЕТИАС системот, миграцијата, внатрешната безбедност и борбата против трговијата со дрога и организираниот криминал ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ на ниво на министри за внатрешни работи во Брисел. 

Состанокот, со кој ќе претседава полскиот министер за внатрешни работи и администрација Томаш Сјемоњак, како претставник на земјата актуелен претседавач со ЕУ, ќе започне со дискусии поврзани со функционирањето на Шенген зоната, при што ќе бидат разменети мислење за ефикасноста на системот за враќање на лицата чии барања за азил се одбиени. 

Се очекува министрите да разговараат за предизвиците поврзани со враќањето на илегалните мигранти, како што се недостигот на ресурси, недоволната соработка од страна на земјите на потекло и транзит на мигрантите и ниското ниво на размена на информации. Се превидува и министрите да се изјаснат за усвојување на одлуката со препораки за справување со предизвиците поврзани со процесот на враќање на мигрантите.  

Во продолжение министрите за внатрешни работи ќе разговараат за патоказот за почеток на имплементацијата на Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ЕТИАС), како и за регулативата за старт на функционирање на Системот за влез и излез (ЕЕС). 

ЕТИАС системот предвидува државјаните на над 60 земји на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ за престој во период до 90 дена, меѓу кои и граѓаните на Северна Македонија, да мора да поднесат барање за одобрение за патување во државите од Шенген зоната.  

Воведувањето на ЕТИАС ќе важи за граѓаните од околу 60 земји со безвизен режим или потенцијално 1,4 милијарди луѓе и затоа, како што наведува Фронтекс, од клучно значење е тие да бидат добро 
Апликацијата за овластување за патување во Шенген зоната ќе треба да се пополни по електронски пат најдоцна 96 часа пред планираниот влез во земја членка на ЕУ. Лицата на возраст од 18 до 70 години при аплицирањето ќе треба да платат седум евра, додека за малолетници и за лица над 70-годишна возраст документот ќе биде бесплатен. Одобрението ќе важи три години од датумот на издавањето или до истекот на важноста на пасошот врз основа на кое и тоа издадено.  

Сепак, според одредбите од ЕТИАС, добивањето на овластувањето за патување не гарантира влез во Шенген зоната, бидејќи при пристигнувањето на границата, граничната полиција ќе мора да утврди дали патникот ги исполнува условите за влегување на територијата на ЕУ.  

Стартот на ЕТИАС системот досега беше одложуван во неколку наврати. Последно беше предвидено тој да почне да се применува од мај оваа година, но и тој старт е одложен.  

ЕУ воведувањето на овој систем го оправдува со безбедносни причини, поради зголемената стапка на тероризам и криминални активности, но како што наведува тој нема да претставуваат никакво ограничување за патувања на жителите на земјите што не се членки на ЕУ, а кои се ослободени од визниот режим.  

Целта на расправата за ЕЕС системот, пак, е да се усогласат ставовите меѓу земјите членки на ЕУ за Регулативата за овој систем, што треба да овозможи почеток на неговото функционирање. Преку ЕЕС системот ќе се регистрира влезот и излезот од ЕУ на државјани од трети земји при нивниот краткотраен престој во некоја од земјите членки на блокот. Согласно предвидените правила, при првиот влез или излез од ЕУ по стапувањето во сила на системот, на државјаните од трети земји ќе им бидат скенирани отпечатоци од прстите или ќе бидат фотографирани и тие податоци ќе бидат зачувани во дигиталната датотека на податоци на Унијата. 

Европската унија планира да ги укине мерките за контрола на границата во Шенген зоната во наредните 30 дена, тврди германскиот весник „Ханделсблат“.
На работниот ручек во рамки на Советот, на европските министри ќе им се придружат и нивните колеги задолжени за безбедност од 16-те земји од Јужна и Средна Америка, кои се вклучени во Латиноамериканскиот комитет за внатрешна безбедност (ЦЛАСИ). Предвидено е министрите да разговараат за меѓусебната соработка во размената на информации во врска со трговијата со дрога, во спроведувањето акции за разбивање на криминалните мрежи и во справувањето со организираниот криминал. 

Во попладневниот дел од Советот, европските министри за внатрешни работи ќе разговараат за влијанието на соборувањето на режимот на поранешниот сириски претседател Башар Асад врз миграцијата. Се очекува министрите да ги разгледаат „конкретните начини на кои земјите членки може им помогнат на Сиријците кои изразуваат цврста желба да си одат дома“ да се вратат во Сирија по падот на режимот на Асад. Според расположливите податоци, во ЕУ престојуваат над еден милиони Сиријци, кои побегнаа од Сирија по почетокот на граѓанската војна.  

Министрите ќе разменат мислења и за влијанието на актуелните геополитички случувања, пред се во Украина, врз внатрешната безбедност на ЕУ. Во тој дел од заседанието, Европската комисија пред министрите ќе го претстави Акцискиот план за безбедност на кабелската инфраструктура, предложен минатиот месец, чија цел е превенција, откривање, одговор, закрепнување и одвраќање на нападите врз кабелската инфраструктура во ЕУ. 

Во рамка на заседанието е предвидено и Полското претседателство да презентира Извештај за спроведувањето на приоритетните акции за борба против трговијата со дрога и организираниот криминал. Извештајот опфаќа активности поврзани со мобилизирање на царинските управи во борбата против трговијата со дрога, зголемување на контролите во пристаништата, мапирање на криминалните мрежи кои претставуваат најголема закана за општествата, олеснување на дигиталните истраги, зајакнување на отпорноста на притворските установи, засилување на борбата против финансискиот криминал и враќањето на незаконски стекнатиот имот. 

Дополнително, помалку од 16 месеци пред стапувањето во сила на Пактот за миграција и азил, се очекува Еврокомисијата да презентира извештај за процесот на подготовките за негова имплементација, додека португалскиот министер за внатрешни работи ќе ги информира своите колеги за неговото учество на 42-от состанок на министрите за внатрешни работи на арапските земји.