Македонија
15. January 2024 - 15:08

Собранието донесе неколку закони и предлог-одлуки за именување на претседатели и членови на комисии на неколку институции

Со задоцнување од повеќе од две часа, Собранието денеска почна со првата пленарна седница за годинава по празниците. Во рамки на 135-та седница, пратениците изгласаа неколку закони и предлог-одлуки за претседатели и членови на комисии на неколку институции.

Во рамки на оваа седница беа изгласани и Предлог на законот за воздухопловство - второ читање, Предлог на законот за изменување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, по скратена постапка, Предлог на законот за вработените во Министерството за одбрана - Прво читање и Барањето за давање на автентично толкување на член 13 од Законот за пожарникарство-пречистен текст (Службен весник на РМ бр.168 од 21.11.2017 година), поднесено од градоначалникот на Општина Гевгелија.

Собранието го изгласа Ментор Јакупи да биде именуван за член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

Пратениците дадоа поддршка и за Предлог на одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Предлог на одлуката за именување на претседател и членови на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Предлог на одлуката за именување на членови на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, Предлог на одлуката за именување на член на Комисијата на Агенцијата за пошти, Предлог на одлуката за избор на здружение од областа на човековите права, полициското право и правосудството за механизмот за граѓанска контрола во состав на Народниот правобранител, Предлог на одлуката за избор на членови на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Пратениците дадоа поддршка да се донесат по скратена постапка Предлог на законот за дополнување на Законот за државното правобранителство, Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Предлог на законот за изменување на Законот за спорт, Предлог на законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, Предлог на законот за административни службеници, Предлог на законот за изменување и дополнување на законот за електронско управување и електронски услуги, Предлог на законот за рибарство и аквакултура, Предлог на законот за гаранција на Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за дополнително финансирање на проектот за надградба и развој на патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и Јавното претпријатие за државни патишта, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот, Предлог на законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Северна Македонија.

Од оваа седница од страна на Владата биле повлечени уште три предлог-закона - Предлог на законот за административни службеници, по скратена постапка, Предлог на законот за вработените во јавниот сектор, по скратена постапка и Предлог на законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација (*), по скратена постапка.

Пред изгласувањето на дневниот ред на 138. седница, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никоа Мицевски во процедурална забелешка констатираше дека Собранието продолжило со праксата за предлагање на закони по скратена постапка. Според него, во дел од законите има парадоксални состојби кои згора на се одат со европско знаменце. Мицевски од владејачкото мнозинство побара во наредниот период вакви закони да одат во редовна постапка и да има што помалку скратени процедури. Претседателот на Собранието, Талат Џафери кусо реплицираше дека по 28 јануари друг ќе раководи со собраниските активности.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојковска Серафимова предложи дневниот ред да се дополни со уште една точка - Предлог на Законот за употреба на македоснкиот јазик. Џафери не го стави воопшто на гласање предлогот на пратеничката Серафимова и објасни дека поради роковите деловнички во редовна постапка дополнет предлог за да се стави на дневен ред на прва наредна седница, мора да се обезбедат три работни дена пред денот предвиден за седница за да можат да се поднесат амандмани на дополнет предлог.

Собранието треба да продолжи со работа по 138.седница во 15:30 часот.