Со пакет од четири закони до департизација на јавниот сектор
Со пакет од четири законски решенија ќе се реформира јавната администрација. Министерот Минчев вели дека четирите закони, за вработени во јавниот сектор, за административни службеници, за стручно усовршување и за инспекциски надзор, ќе се департизирала администрацијата, а ќе се оценува и работата на службениците.
Вели, ако се вработиле во државно, не значи дека работното место им е загарантирано до пензија. Департизацијата ќе се извршела со тоа што ќе бидат подигнати критериумите за вработување во државно. Надлежните веќе се пожалија дека се помалку работници се пријавуваат на огласите во државните институции, но на овој начин Минчев смета дека ќе се изберат само компетентни кадри.
- Ставаме крај на практиките на политичко влијание врз вработувањето и функционирањето на институциите. Вработувањата ќе се темелат на исклучиво на заслуги, компетенции, професионалност што значи крај на клиентелизмот и на партиските интервенции.
Со пакетот закони идејата е да се намали бројот на институции, а со тоа и бројот на избрани и именувани функционери, чии плати на државно се највисоки. Прв ќе биде Инспекцискиот совет. 11-те вработени ќе одат во Министерството за администрација, а ќе се скратат седум функционерски плати.
- Овие седум членови зимаат месечно надокнада некаде околу 2 до 2,5 илјади евра. Или пак бруто годишно, сите заедно – 255.000 евра, рече Минчев.
Предвидено е да се формира и академија. Министерството ќе се договори со универзитетите за студентите кои учат во дефицитарните струки, како ИТ на пример, да можат праксата да ја стекнат во државните институции. На тој начин, државата нема да мора да плаќа огромни плати, кои тие ги добиваат во приватниот сектор, а студентите ќе добијат искуство пред да се вклучат во реалниот сектор.
Замената за т.н. алатка „Балансер“ се уште нема. Минчев вели дека уставни експерти во Владата работат на новото решение. Минчев тврди, во периодот пред да се направи „Балансерот“ од 2001 до 2015 година биле вработени повеќе службеници од помалите етникуми, отколку кога електронската алатка одлучуваше за која работна позиција кој етникум е поважен.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар