Loading Video...
Балкан
21. December 2023 - 21:17

Службеници од Острени издавале потврди за бугарско потекло за цена од 1000 евра- тројца уапсени

Најголема штета од издавањето на потврди за бугарско потекло од албанските општини имаат Македонците во Албанија, тврди претседателот на македонската партија во Албанија Васил Стерјовски.

Се работи за афера што ја објавија албанските медиуми дека општински службеници и политичари издавале вакви потврди дури и со потпис и печат од министер за мито од 1.000 евра во Голо Брдо – Албанија.

Потврдите подоцна служат за лесно издавање на бугарски пасош. Тројца службеници веќе се уапсени, соопшти попладнево албанската полиција.

Стерјовски вели јавна тајна било издавањето на уверенијата уште пред две години, откако бугарската влада донела одлука дека за бугарски пасош за албанските граѓани доволно ќе биде општинска потврда за бугарско потекло.

Бугарија ваквата олесната процедура за нови бугарски државјанства во Албанија ја искористила најмногу при неодамнешниот попис каде многу Македонци биле принудени да се попишат како Бугари. Претходно, Албанија не бележела Бугари на нејзините пописи. 

Стерјовски тврди дека уште пред неколку месеци ги предупредиле албанските власти за бугарски притисок, но дека Македонците поддршка не добиле.

Албанскиот Топ чанел вчера објави истражувачка приказна за тоа колку е лесно да се купи потврда за бугарско потекло во Острени, област Голо Брдо независно од вистинското потекло.

Новинар купил две вакви потврди за околу 1000 евра, а биле вмешани и службеници што се во роднински врски со албански градоначалници.

Албанските граѓани изминативе години се обидуваат да дојдат до бугарски пасош кој им овозможува полесно да работат низ Европа.