Слаб интерес за селекција на отпадот во Струмица
Струмичани не покажуваат голем интерес за селекција на отпадот. И покрај доделената втора канта на 1600 домаќинства и специјализираните контејнери поставени пред станбените објекти мал е бројот на граѓаните кои селектираат. Наместо тоа, дел од опремата беше вандализирана, а отпадот завршува на несоодветни локации. Од ЈПКД Комуналец очекувале многу повисока свест за животната средина и најавуваат дополнително едуцирање на населението, но и санкции за оние кои ја уништуваат опремата и депонираат на несоодветни локации.
Сериозен проблем за струмичкото комунално претпријатие претставуваат и дивите депонии кои ги има речиси во секое населено место. И покрај тоа што годинава тие два пати биле чистени, во последната есенска акција повторно се детектирани 14 такви локации. Наместо да го користат центарот за грижа на корисници и да побараат подигање на отпадот, поголемиот дел од граѓаните одбираат тоа да го направат сами, најчесто на недозволени места, велат од Комуналец.
Според најавите на јавното комунално претпријатие до крајот на годината треба да бидат исчистени сите диви депонии, но стравуваат дека истите може повторно да никнат. Токму затоа најавуваат засилени контроли, но и санцкии од страна на надлежните иснпектори за сите прекршители.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар