Македонија
15. February 2023 - 11:59

Скопјанец со автомобил дивеел низ Автокоманда: Бегал од полиција и прегазил полицаец

 Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

Како што информираат од Јавното обвинителтво, на 14 февруари, веднаш по полноќ, во близина на влезот во фабриката „Пивара Скопје“, осомничениот нападнал и повредил полициски службеник кој вршел работи на јавната безбедност, кои се однесуваат на спречување и откривање на кривично дело.

-Осомничениот управувал автомобил „Рено лагуна“ со скопски регистарски ознаки и најпрвин не постапил по сообраќајна СТОП наредба со светлосна сигнализација издадена од неколку полициски службеници од Единицата за интервентна полиција. Наместо да застане за личен преглед и легитимирање, тој ја зголемил брзината на возилото и ја избегнал полициската контрола. По полициска радио врска била распишана објава за пронаоѓање на возилото на осомничениот, по што на критичното место била поставена блокада од полициска патрола на службени лица од СВР Скопје. Кога дошол до блокадата, осомничениот повторно се обидел да ја избегне, и продолжил да вози кон влезот на фабриката. Влезот го блокирале неколку полициски службеници со службено возило, а оштетениот полицаец излегол за да му даде сообраќаен стоп-знак на осомничениот, е наведува во сопшението од Јавното обвинителтво.

Во тој момент осомничениот, како што велат од ЈО, го насочил својот автомобил кон телото на оштетениот и со предниот дел удрил во него, нанесувајќи му телесна повреда – набиеници и расекотини на десната нога, а го оштетил и полициското возило поставено за блокада.

-Бидејќи постои опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, информираат од Јавното обвинителство.