Балкан
8. јуни 2022 - 10:45

Силно невреме во Словенија предизвика поплави и пожари

Студениот фронт со силен дожд и ветер, кој во текот на ноќта ги зафати речиси сите делови на Словенија, уништи дрвја и покриви, а пожарникарите мораа да испумпуваат вода од поплавените згради и да изгаснат пожар предизвикан од молња.

Словенечката управа за цивилна заштита и помош при катастрофи соопшти дека невремето е низ целата земја, со исклучок на Приморска, а пријавени се вкупно 135 инциденти, со интервенција на 66 доброволни територијални противпожарни бригади и три професионални противпожарни бригади.

Тимовите за интервенција имаа најмногу работа во источниот дел на земјата, каде што удари на гром оштетија неколку станбени и деловни објекти, пренесува СТА.

Пожарникарите интервенирале и на живинарска фарма во Словенска Битрица за да спасат 3.000 кокошки од давење.

Поплавени се десетици патишта, а реката Пака се излеа од коритото и го урна мостот на локалниот пат Горњи Долиќ-Козјак.

Словенија неодамна доживеа многу вакви дождови, некои од нив проследени со силен град, во кој беа уништени сезонските култури, а беа оштетени и згради.