Свет
13. February 2022 - 12:29

Швајцарија е првата земја која ќе ги забрани тестирањата врз животни

Гласачите во Швајцарија денеска на референдум ќе одлучат дали нивната земја ќе биде првата во светот што ќе забрани тестирања врз животните. На граѓанското изјаснување ќе се разгледа и прашањето за заострувањето на контролата врз рекламирањето цигари.

Кампањата, што се стреми да стави крај на сите експерименти врз глувци, стаорци и други животни, собра доволно потписи за да организира гласање според швајцарскиот систем на директна демократија, наидувајќи на силно противење од огромниот фармацевтски сектор во земјата.

Индустријата, која ги вклучува фармацевтските гиганти „Рош“ и „Новартис“, наведе дека таквите истражувања се потребни за да се развијат нови лекови.

Поддржувачите на забраната за тестирање животни, за кои владините бројки покажуваат дека само во 2020 година предизвикале смрт на повеќе од 500.000 животни во швајцарските лаборатории, наведуваат дека праксата е етички погрешна и непотребна.

Последното истражување на јавното мислење покажа дека 68 отсто од испитаниците се противат на предложената забрана, што укажува на тоа дека веројатно нема да биде одобрена.

Но, предлогот за дополнително ограничување на рекламирањето на тутунот најверојатно ќе помине, бидејќи 63 отсто од испитаниците ја поддржуваат мерката. Кампањата против тутунот, која за да помине е потребна поддршка од повеќето кантони и гласачи, се стреми да ги прошири сегашните ограничувања за рекламирање на рекламите секаде каде што младите можат да ги видат. А тоа би вклучувало забрана за рекламирање во весници, кина, интернет, на спортски и други настани и на билборди.