Македонија
25. January 2016 - 8:30

Шутаров: Во новата декада ќе ја надградиме афирмацијата на македонската култура во Бугарија

Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија оваа година влегува во втората деценија од своето постоење откако го заокружи 10-годишниот јубилеј со 20-ина проекти во  2015 година.

Директорот на КИЦ-от Васко Шутаров, кој доби нов мандат за раководење на институцијата, за 2016 најавува нови содржини. Задоволен е од јубилејната 2015-та, а влегувањето во втората деценија од постоењето на КИЦ-от и доверениот нов мандат ги смета за сериозна обврска да се надгради, како што вели, сето она што изминатите години стана наш препознатлив белег во афирмацијата на македонската култура во соседна Бугарија.

- Имавме серија од неколку исклучително забележливи културни сезони. Нашата јубилејна програма во 2015 година предизвика можеби досега и најголем интерес, што од публиката во Софија, што од зголемениот интерес на бугарските медиуми за нашите програми. Тоа што за мене лично претставува и задоволство, но и уште поголем предизвик е можноста што ја имавме во изминатата година да претставиме наши програми и во многу значајни културни простори во Софија, но и да стекнеме нова и добра публика во други градови каде што гостувавме - во Русе, Созопол, Пловдив, Харманли, Велинград. Тоа ќе биде наша интенција и во реализацијата на нашата Програма за 2016 година, изјави Шутаров за МИА.

 

Меѓу проектите кои следуваат оваа година за кои има поддршка од Министерство за култура на РМ, тој издвојува две книжевни промоции: едната е промоција на бугарското издание на „Ѕвездениот корен" со која ќе се одбележат 85 години од раѓањето на Анте Поповски и традиционалната, деветта по ред Македонска книжевна визита. И годинава КИЦ во Софија ќе биде вклучен во организација и реализацијата на Европската ноќ на литературата, која се одржува под покровителство на Европската асоцијација на културни институции.

- Годинава имаме и исклучително богата музичка понуда. Ќе организираме концерти на Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова-Христова, Гонца Богоромова-Краповски и Милен Станев, Даница Стојанова, Бранко Павловски, Михајло Куфојанакис и Тодор Светиев и концертот на ансамблот „Контемпора". Од ликовните настани би ги издвоил двете изложби кои ќе ги организираме во соработка со Националната галерија на Македонија, ретроспективната изложба на Вељо Ташовски и изложбата „По трагите на водата", изложбите на Дороти Пачкова, Борислав Траиковски, изложбата на фотографии на Јана Луловска и изложбата на скулпторот Слободан Милошевски. Посебно се радувам на изложбата на копии на икони и фрески која ќе ја оствариме во соработка со Музеј на Македонија и која освен во Софија би сакал да ја претставиме во уште некој друг поголем град во Бугарија, истакнува Шутаров. 

Додава дека КИЦ на РМ во Софија и годинава има покани за учество на бројни престижни фестивали. Веќе е потврдено учеството на Франкофонскиот фестивал „Солеј", кој традиционално се одржува на почетокот на јуни во Созопол.

Нашиот културен центар во наредниот период ќе се фоскира и на активности за подготвување на учеството на уметници од Македонија и претставување на македонската култура во Пловдив во 2019 година, кога тој бугарски град (заедно со италијанскиот Матера) ќе биде европска престолнина на културата.

Потесна соработка со организацискиот одбор на манифестацијата „Пловдив - Европска престолнина на културата, 2019" е остварена минатата година  преку ликовно претставување на „Ноќта на музеите" во Пловдив.

 

- Ни беше овозможено, нашиот ликовен проект „Конекција 2" да го претставиме во просториите на познатата Балабанова куќа, спомен-музеј од исклучително културно значење. Градот Пловдив, посебно стариот дел на градот, не случајно е избран во силна конкуренција со други бугарски културни центри, за престолнина на европските културни случувања во 2019 година. Искрено се надевам и посакувам, еден голем дел од нашата културна понуда да почнеме уште годинава да ја претставуваме во Пловдив и заради убавиот прием што го имавме мината година, добриот одѕив на публиката, но и предизвикот да станеме препознатливи со редовно презентирање наши културни содржини, неколку години порано, пред европската културна инвазија кон Пловдив во 2019 година, наведува директорот на КИЦ на РМ во Софија.