Штрајк на новинарите во Грција
Новинарите во Грција од пет часот утрово започнаа 24-часовен штрајк што е трет во изминатите три месеци, а земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина.
Штрајкот е организиран од Грчката федерација на новинарски асоцијации во кој учествуваат сите новинарски здруженија, се одржува на ден пред утрешниот генерален штрајк во Грција, а главното барање на медиумските работници е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија.
Заклучно со утре наутро телевизиите нема да се емитуваат вести и информативни емисии, а учествуваат и голем дел од информативните портали.
Освен колективни договори, вработените во медиумите бараат и: почетна плата од 1.250 евра во сите медиуми; зголемување на платите за 10 отсто врз основа на последните колективни договори за работа; загарантирана плата за работа за време на викендите (плус 25 отсто и слободен ден за сабота и плус 100 проценти во недела); зголемување на надоместокот за испраќање на терен вон градот каде што се наоѓаат; дневници од 350 евра за испраќање во воени зони и 250 евра во подрачја погодени од елементарни непогоди.
Дополнително, меѓу барањата се и вклучуваат на етичките принципи во договорите, договор за регулатива за тужбите (anti-slapps); обврзувачки правила за вештачка интелигенција во медиумите; заштита на авторските права на новинарите итн.
Новинарите одржаа 24-часовни штрајкови на 18 февруари и на 11 март годинава.
За утре, двата најголеми грчки синдикати, на вработените во државниот и во приватниот сектор закажаа генерален штрајк што се очекува да ја парализира Грција, а бараат колективни договори, како и реални зголемувања на платите за справување со поскапувањата.
Ново на Сител
-
„Њујорк тајмс“: Украина добива нова американска помош – ракетен систем Патриот
-
Вчерашното убиство во Скопје било извршено пред 5-годишната ќерка на сопружниците
-
Кон средината на мај, Трамп во Ријад ќе се сретне со лидерите на земјите од Заливот
-
Во Радовиш приведени две лица сторители на 14 тешки кражби
-
Во Битола затекнати 23, а во Охрид шест малолетници после 24:00 часот
-
66-годишник во инвалидска количка повреден од автобус на улица во Струга
-
60-годишник со возило „Форд“ излетал надвор од патот, возачот починал на местото на настанот
-
Приведен 36-годишник од Крива Паланка, управувал возило со 1,58 промили алкохол во крвта