Свет
3. December 2023 - 11:04

Шпанската полиција заплени 915 килограми кокаин на „Балканскиот картел“

Шпанската национална полиција во заедничка акција со цариниците во јужното пристаниште Алгесирас заплени речиси еден тон кокаин скриен во контејнери доставени од Јужна Америка, а дрогата му припаѓала на „Балканскиот картел“, соопшти полицијата на својата веб-страница.

– Балканскиот картел во моментов е најактивен на европско ниво, се наведува во соопштението.

Полицијата тврди дека латиноамериканските групи испраќаат кокаин скриен меѓу легални стоки во контејнери кои пристигнуваат со бродови во шпанските пристаништа.

Акцијата почнала по дојава за пристигнување на контејнер со „значително количество кокаин“ во Алгесирас, едно од најголемите пристаништа во Шпанија, во покраината Андалузија.

Агентите кои подолго време ги истражувале активностите на „Балканскиот картел“ имале информации и дека оваа група составена од граѓани од територијата на поранешна Југославија барала начин да го преработи тој кокаин.

Истовремено, од Колумбија добиле предупредување дека брод од Еквадор, кој прави пауза во Колумбија, планира да транспортира кокаин до пристаниште во Шпанија.

Агентите го идентификувале бројот на бродот, а кога впловил во Алгесирас, инспекторите ги отвориле контејнерите и пронашле 415 килограми од дрогата.

Врз основа на нови информации дознале дека во Алгесирас пристигнува уште еден контејнер со дрога, па во него пронашле дополнителни 500 килограми кокаин, се наведува во соопштението.

„Тешкотиите во истражувањето на членовите на овие организации лежат во нивната мобилност. Тие се во состојба да поминат илјадници километри за да одржат состанок. Истрагата продолжува со цел да се идентификуваат сите членови на мрежата и да се уапсат“, соопшти шпанската полиција.