Македонија
5. October 2021 - 13:45

Шилегов: Од 150 до 200 евра помал годишен трошок за родителите со дете во градинка или училиште, а двојно за оние со две

Актуелниот градоначалник на Град Скопје и кандидат за претстојните локални избори, Петре Шилегов денеска во Градскиот парк заедно со сите кандидати од скопските општини на коалицијата на СДСМ, презентираше пакет мерки наменети за идните родители, децата во градинките, учениците од основните и средните училишта и студентите од Скопје.

– Скопје е солидарен град и како таков има можност да вложува и да ги поддржува сите, да ги поттикнува да останат да живеат во градот и да создава услови за квалитетен живот на сегашните и идните генерации. Водени од оваа идеја, денеска го презентираме заедничкиот план за финансиска помош на неколку многу важни категории на граѓани, млади, студенти, сегашни и идни родители. Тие студираат тука, родителите се грижат за своите деца и во овој период од животот секој денар им е важен. Како човек, како родител, како градоначалник и кандидати за градоначалници знам дека за нив е важна финансиската поддршка во овој период и затоа им излегуваме во пресрет, изјави Шилегов.

За децата кои посетуваат државни градинки, тој најави покривање на максимум 50 проценти од месечниот трошок со што ги поттикнуваат семејствата да останат во Скопје.

– Благодарение на Градот и Општините, семејствата со едно дете во градинка ќе можат да заштедат до 150 евра годишно, а двојно или тројно повеќе за оние коишто имаат две или три дечиња во градинка, вели градоначалникот.

Сегашните просечни 1400 денари за градинка во Скопје, ќе бидат намалени до 700 денари со што ги охрабруваат родителите да вложуваат во развој на своите деца, нивното здравје и среќата на семејството.

За учениците од основните училишта од Скопје, предвидено е исто така до 50 проценти поевтин оброк за време на престојот во училиштата.

– Родителите ќе можат да заштедат до 200 евра годишно од семејниот буџет ако ја земеме сумата од 2000 денари месечно што денес се даваат за оваа намена. Оброкот го правиме достапен за секое дете, а на родителите им надоместуваме фиксни месечни трошоци, појаси Шилегов.

За остварување на желбата за потомство, Град Скопје и Општините ќе помогнат во процесот на био-медицинско потпомогнато оплодување преку финансиска помош на паровите. Дополнителните трошоци што не се признаени како основни поволности од страна на Фондот за здравство ќе бидат покриени од Градот и Општините.

– Непризнаените хормонски терапии стануваат минато, сакате да продолжите да се обидувате и по третиот обид, градот и општините се тука финансиски да ве поддржат во вашите планови за семејство, додаде Шилегов.

Средношколците и студентите имаат бесплатен превоз, но Шилегов најави дека тие бенефиции ќе ги прошират и за оние кои сакаат да го продолжат образованието во Скопје.

– На сите постдипломци и докторанди кои студираат на државните универзитети во Скопје им овозможуваме бесплатен градски превоз. Со тоа ги поттикнуваме да бидат поактивни во своите обврски и релаксирани во својата мобилност, додаде тој.

Со пакетот мерки ќе бидат обезбедени и сто стипендии за најдобрите средношколци од општините на град Скопје, во висина од 12.000 денари месечно кои ќе се запишат на некои од државните универзитети во главниот град.

– Ги поттикнуваме младите да вложуваат во себе, ги елиминираме финансиските тешкотии на семејствата, го вреднуваме трудот на младиот човек во Скопје. За секој средношколец од државните училишта обезбедуваме бесплатно овошје, за време на училишниот престој. Здравата исхрана е неопходна за виталност и здрав живот, затоа создаваме навики за здрав живот и среќна иднина на нашите деца, најави градоначалникот на Град Скопје.

Во зависност од општините, тој посочи дека се издвоени по 350 денари по дете. Во просек има околу 2000 деца во градинка, односно 120.000 евра по општина.