Македонија
6. April 2019 - 17:52

Шериф Ридаров од село Црник без кров над глава, откако му изгоре куќата

Иако поминаа четири месеци откако целосно му изгоре куќата, се уште нема никаков абер за помош на Шериф Ридаров од пехчевското село Црник. Ридаров без покрив над глава остана на крајот од ноември 2018 година и оттогаш упорно барал помош од неколку фирми, но досега никој не му излегол во пресрет.

-Од никаде никаква помош немам и не знам како да реагирам, во моментот се чувствувам изгубено. Едноставно немам покрив над глава и едноставно не знам што да правам. Барам помош да можам да си направам една или две соби за да имам каде да живеам како човек. Досега барав помош од неколку фирми од Пехчево и Делчево, но залудно, вели Ридаров.

Ридаров покрај што е без куќа, тој е и невработен. Вели дека роднини пријатели во денешно време не постојат, па затоа помошта ја бара од хуманите граѓани.

-Пред 20 години имам работено во Пелагонија, но тоа е се што имам стаж. Барам работа, но и тоа оди тешко. Изгубен сум и не знам како да реагирам. Апелирам до хуманите граѓани ако можат некако да ми помогнат, било со парични средства, било со материјални, вели Ридаров.

Неговиот сосед, Судахан Алиов од село Црник, вели дека Шериф не е лош човек и затоа апелира да му се помогне.

-Да му се помогне, не е лош човекот, на улица е и нема каде да живее. Апелирам до сите граѓани, финансиски или на било кој начин да му помогнат, бидејки остана сам на улица, вели Алиов.

Во пожарот, кој тогаш ја изгоре до темел куќата на несреќниот жител на Црник изгоре и неговата неподвижна мајка. За помош на Ридаров во моментот отворена е жиро-сметка на Комерцијална банка, на име Шериф Ридаров со број 300057020588482.