Македонија
18. February 2016 - 14:24

Сертификати за 16 лица од Пехчево за нега на стари лица во домашни услови

На 16 лица од Пехчево денеска им беа доделени сертификати за стекнати знаења, вештини и компетенции во рамки на проектот „Патронажна служба за помош и нега на стари и изнемоштени лица во домашни услови во општина Пехчево“.

Доделувањето на сертификатите следува по двомесечната обука за асистенти за нега на стари лица во домашни услови, спроведувана од страна на Здружението за унапредување на условите за грижа и сместување на стари и изнемоштени лица „ Хуманост" – Скопје, како едукативна компонента на проектот „Патронажна служба за помош и нега на стари и изнемоштени лица во домашни услови во општина Пехчево“. Реализацијата е во рамки на Програмата за општинско-корисна работа 2015 година, финансиски поддржана од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општина Пехчево.

Градоначалникот Игор Поповски при доделувањето на сертификатите истакна дека стекнатите сертификати, но пред се, практичните знаења треба да придонесат за поголема конкурентност на невработените лица на пазарот на труд.

- Овие активности водат кон зголемување на вработеноста во општина Пехчево, подигање на квалитетот на услугите кои се испорачуваат кон старите и изнемоштени лица во домашни услови, односно подобрување на мерките и активностите на социјалната заштита на територијата на општина Пехчево, рече Поповски.

Проектот се реализираше во траење од 6 месеци во сите населени места на територијата на општина Пехчево, при што беа опфатени 242 лица како крајни корисници.

Партнери во имплементацијата на проектот покрај Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија се Организацијата на жени од Пехчево, Здружението на пензионери од Пехчево, Здравствен дом од Пехчево и Здружението на граѓани „Кладенец“ Пехчево.