Македонија
25. April 2025 - 16:47

Претседателката на Антикорупциска не доаѓа на работа

Суспендирана е работата на првата антикорупционерка Татјана Димитровска. Откако обвинителството ја осомничи за оддавање службена тајна, од денеска, таа не смее да има контакт со предмети, пошта и било каков документ поврзан со работењето на институцијата.

Повеќе нема да смее да распределува и предмети, ниту да гласа на седниците на комисијата. Димитровска, не се појавила и на работното место. На прашања испратени до ДКСК, од таму велат дека немаат информации за евентуална оставка од страна на претседателката. Појаснуваат дека институцијата продолжува со редовна работа, но претставувана од заменичката на Димитровска, бидејќи така наложувал законот за спречување на корупција.

„Во случај на спреченост на претседателот на Државната комисија, Државната комисија ја претставува и застапува заменик-претседателот, избран согласно одредбите од законот“

Во истиот закон уредено е и под кои услови се разрешува претседател и член на државната комисија за спречување на корупцијата. Процесот се води во Собранието, по предлог на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата. Според законот, разрешување е можно под повеќе услови како што се неоправдано отсуство од работа, ги прекрши правилата за судир на интереси, или, ако е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, а таква мерка судот веќе одреди за Димитровска..

Во меѓувреме од власта и опозицијата во законодавниот дом велат дека прво ќе почекаат да видат дали Димитровска сама ќе си поднесе оставка, ако не го стори тоа, ќе преземат чекори за нејзина смена. 

Се уште актуелната претседателка на ДКСК е осомничена дека со пораки на мобилен информирала обвинет во случајот „Адитив“ за текот на истрагата, иако тоа и според кодексот на институцијата е строго забрането.

„Претседателот и членовите на Комисијата нема да пренесуваат било какви информации, (усмено или во вид на пишани документи, аудио и електорнски документи), за предметите коишто се разгледуваат или ќе се разгледуваат на трети лица“

Димитриевска за претседател на ДКСК беше избрана во Собранието во декември 2023 година, а според истрагата на обвинителство, со оддавање на службени податоци започнала по три месеци откако била назначена за прв човек на институцијата.