Македонија
10. February 2016 - 12:47

Се санираат подовите во кумановскиот Здравствен дом

Привршува санацијата на подовите во централната зграда на кумановскиот Здравствен дом, информираа денеска надлежните од јавната установа. За санацијата, установата издвои над 460.000 денари, средства од сопствениот буџет.

- Реконструкцијата на подовите ќе овозможи подобри хигиенски услови за вработените и се спроведува поради дотраеност. Подовите не се заменети последниве 40 години, изјави директорот Миомир Панковски.

Со завршување на санацијата на подовите на централната зграда во која е сместен и административниот дел на јавната установа се заокружува процесот на санација на четирите одделни згради кои се под надлежност на кумановскиот Здравствен дом. Во изминатата година беше извршена целосна санација на санитарните јазли во поликлиниките „Тоде Мендол“, „Перо Чичо“, „Гоце Делчев“ и во просториите на Итната помош, за што Здравствениот дом одвои над милион и 33 илјади денари од буџетот на установата.

За санација на санитарните јазли во школскиот диспанзер во Куманово, беа потрошени над 130.000 илјади денари, а преходно установата издвои над 700.000 денари за реконструкцијата на покривот на поликлиниката во „Перо Чичо“.

- Реконструкцијата на тоалетите, на покривот и останатите инфраструктурни зафати придонесоа за подобрување на условите за работа и пред се за подобрување на услугите што ги пружаме кон пациентите, изјави Панковски.

Тој се надева дека наскоро ќе се замени и надворешната столарија на централната зграда.а