Македонија
25. August 2016 - 13:59

Се асфалтираат улици во Спортско рекреативниот центар Пониква

Во Спортско рекреативниот центар Пониква на осоговските планини започна асфалтирањето на две улици, планирани во општинската програма на Кочани за комунално уредување на центарот.
 
Градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски информира дека се работи за асфалтирање на две улици во викенд населбата на Пониква во должина од 2,4 километри за што општината има обезбедено финансиски средства од Агенцијата за рурален развој во износ од  15 милиони денари.
 
- Средствата се од програмата за рурален развој и изградба на инфраструктура со туристички локалитети, изјави градоначалникот Димитровски.
 
Едната  улица во должина од 1200 метри, истакна Димитровски, ќе биде готова со асфалтирањето за два дена, додека  другата улица според динамиката на работата се очекува да биде готова за петнесетина дена. 
 
Според Димитровски, интересот за Пониква и за градба во овој рекреативен центар е мошне голем од страна на инвеститори од повеќе градови на Македонија. Тој додаде дека Општина Кочани наскоро ќе објави нов оглас за продажба на плацови за изградба на викенд куќи и други сместувачки и угостителски објекти.