СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се со различен став за избори на 5 јули, ДУИ е за датум со консензус
Владејачката СДСМ смета дека вонредните парламентарни избори треба да се одржат на 5 јули, бидејќи тој датум го исполнува и законскиот рок од 22 дена до избори по завршување на вонредна состојбата. За ВМРО – ДПМНЕ е несериозно граѓаните да гласаат на 5 јули, бидејќи земјава сега влегува во вториот пик од коранавирусот, а ДУИ пак е со став датумот за избори да се донесе со консензус.
-Посакувам политичките партии да имаат разбирање и консензус за почитување на Уставот и законите. Се разговараше, добро е за демократскиот капацитет сите политички партии да учествуваат на изборите, а во оној момент кога не можат да се договорат политичките лидери, одговорноста мора да ја преземаат институциите на системот, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски вчера во Куманово.
Тој ги повика сите партии, особено ВМРО-ДПМНЕ да преземат одговорни чекори и да бидат дел од решението, наместо да бидат извор на проблеми.
-Тврдењата дека изборите би го загрозиле здравјето на граѓаните, или дека треба да се одложуваат за наесен, се нелогични, додава Спасовски и вели дека државата, институциите можат да обезбедат безбеден изборен ден.
-Потребно е час поскоро да организираме фер, слободни и демократски избори со кои ќе добиеме нови, легитимни институции со целосен капацитет, бидејќи само со целосен капацитет и полна сила на сите демократски институции нашата држава повторно ќе ги победи предизвиците, рече Шекеринска.
Наспроти нив, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски смета дека „фиксираниот датум за избори на 5 јули кога би се случиле изборите не само што е несериозно туку е морбидно, бездушно и нечовечки.
-За жал овие бројки секој ден се зголемуваат и морбидно и бездушно е да се говори на тема избори. Во моментов треба единствено да ни е во интерес здравјето на граѓаните и како да ја намалиме бројката на смртност бидејќи гледаме во моментов Република Македонија е со највисока смртност во регионот, рече Арсовски.
Од ДУИ велат дека принципиелно остануваат на ставот датумот за избори да се донесе со консензус, како што изјави министерот за економија Крешник Бектеши во својство на партиски функционер.
-Подготвени сме и наредната недела да одиме на избори, но треба да ги имаме предвид препораките на Комисијата за заразни болести и ситуацијата со бројот на заразени, вели Бектеши.
Претседателот на државата Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност што се одржа во саботатa, меѓу другото, побара од лидерите на партиите да се договорат за датумот за изборите за да се добијат институции со полн капацитет, бидејќи „ситуацијата е премногу сериозна“.
Парламентарните избори првично беа закажани за 12 април, но поради состојбата со коронавирусот беа одложени. Потоа, претседателот Пендаровски на 18 март поради состојбата со коронавирусот првпат во државава прогласи вонредна состојба. Првите две одлуки за вонредна состојба беа во времетраење од по 30 дена, а третата и четвртата што почна вчера, во времетраење од по 14 дена.
Ново на Сител
-
Опозицијата се уште зборува за предвремени избори
-
Умерен економски раст и пониска инфлација, очекува НБРМ
-
Стотици граѓани во долга редица чекаа ваучер за инвертер
-
Почина 5 годишно дете на Детската клиника – трет смртен случај во установата за еден месец
-
Пожар во депото на Железници – Транспорт, гореле стари вагони
-
Два научни институти затворени, контроли и во универзитети
-
Хуманитарна акција во американската амбасада во сеќавање на загинатите од терористичкиот напад во 2001-та
-
Народна банка со есенски макроекономски проекции