Сараево: Од рокенрол школа до турбо фолк метропола
Бука – Сараево
„Фолкот е народ. Тоа е турбо систем за вбризгување на гориво во цилиндер на мотор со внатрешно согорување. Турбофолкот е горење на народот. Турбофолкот не е музика. Турбофолкот е миленик на масите. Побудување на најниски страсти кај хомо сапиенсот. Турбофолкот е систем на вбризгување на народот. Јас не го измислив турбофолкот, јас му дадов име‟, рече Рамбо Амадеус.
Музичкиот пресврт настана во Србија во раните 90-ти години, некои би рекле и порано, одамна ги надмина рамките на музичкото, а стана и животен стил.
Естрадата, шоу бизнисот, политичката сцена, рурално-урбаниот стил на живот кој го одликува кич, невкус, лоши аранжмани и којзнае уште што не, турбофолкот одамна се „вовлече‟ во сите пори на јавниот и приватниот живот.
Срѓан Јевѓевиќ, алиас Џино Банана, фронтмен на бендот Култур Шок еднаш рече дека турбофолкот е „борба против се што не е исто како моето, почнувајќи од фризурата и панталоните, до музиката која ја слушам‟.
Но, како турбофолкот од Ибарската магистрала во Србија во близина на Белград ја презема секоја средина на Балканот, уште подалеку и пошироко од самите држави? Прашање на кое одговор не може да се понуди. Или може, а одговорот би бил дека тоа му било судено.
Од Лепа Брена, која стана прв музички државен проект на Југославија, направи пресврт од изворната народна музика до шеговити песни во комбинација со малку гардероба. И тоа веројатно беше моментот кога „почна крајот‟.
Со неа веројатно и првпат се појави изразот „нормална музика‟, а од средина на 80-тите до еве 15 година во 21 век, многумина би рекле дека токму таа Фахрета Јахиќ, многу попозната под името Лепа Брена, е најбенигна од сето она што денес го имаме. Веројатно од нешто сме морале да тргнеме. „Нормалната музика‟ и нормалните форми на однесување од тогаш до денес сите се обидоа да ги дефинираат, никој не успеа, бидејќи „моето нормално е нечие лудило и обратно‟, па завршете ја расправијата со некој „кој има искуство‟ кој ќе ве повлече на дното откако ќе ве „спушти на свое ниво‟.
„Како турбофолкот го презема Сараево‟ гласеше денешната задача која дојде од уредничкиот колегиум на работната маса на потписникот на овие редови.
За вкусовите не се расправа
Прво поради поговорката која сме ја слушнале многу пати: „За вкусовите не се расправа‟. Но, каде завршува границата на вкусот, а почнува границата на невкусот?
Веруваме дека е многу тенка, претенка, но на сето ова диктираат трендовите на бизнисот, профитот, заработката и капитализмот. Турбофолк звуци денес можеме да слушнеме и во рекламите кои се вртат на телевизија и тоа е сигурно нешто што гледачите го „диктираа‟ и тоа апсолутно не е никаков баук, ниту пак на повеќето луѓе им прави непријатност. За вкусовите за кои не се расправа навлегуваме доста подлабоко, бидејќи вкусовите се бенигна појава, сериозно е тоа што е настанато од невкусот. Турбофолкот, синоним за шунд.
Системот на понудата и побарувачката рече дека на турбофолкот повеќе не му е местото во зафрлените делови на градот, туку негово историско право да живее, срастува и да ги надживее најпосетените места, центарот на градот, периферијата и маргините на урбаните и руралните средини. Сега е вистинска реткост да се слушне таа „нормална‟ музика, а тоа да не се лесни ноти чии корени се пуштени таму кон средината на 80-тите години, а темелите зацементирани со процутот на 90-тите години.
Тогаш, а и денес, турбофолк ѕвездите и спотовите кои ги снимале се вртеа на националните телевизии. Ги красеа скапи автомобили, гламур, скапи пијалаци, убави девојки „без вкус‟ и се она што го наведовме во неколку редови погоре. Сите сакаа да бидат фолк ѕвезди. Секако, затоа што за тоа не ви треба никаква музичка академија, никакво пејачко знаење, туку само малку среќа и станувате национална ѕвезда.
Национална ѕвезда тогаш, а и сега, значеше дека сте и регионална ѕвезда, што автоматски повлекува армија луѓе кои ќе се угледаат на вас и ќе сакаат да бидат она што вие го претставувате. Од тогаш до денес може сешто се промени, освен фактот дека сите сакаат да бидат ѕвезди и тоа преку ноќ. Отворете го ТВ водичот и погледнете колку реалити програми има и на колку канали заземаат места и помирите се со фактот дека тоа кај нас се најгледани емисии.
Навиките на „потрошувачите на турбофолкот‟ ги зголемуваа апетитите, предизвикаа хиперпродукција на кадри, во овој случај на турбофолк пејачки, до таа мера што повеќе не можеме да разликуваме вкус од невкус, „за кое не се расправа‟, како што пред малку наведов.
Вечерните забави за само неколку години се претворија од рок енд рол гласна музика во песни со лесни ноти и јавувања упатени до полицијата „малку да се намали тонот‟.
Тој тренд го следеа баровите, кафеаните, кафулињата, гостилниците, рестораните и сите услужни објекти. Фолкотеките порано беа единствени места на кои фановите можеа да уживаат во својот избор на музика, а тоновите произведени на Ибарската магистрала, т.е. на периферијата на поголемите и помалите градови, сега можат да се слушнат во секој дел од градот. За влезовите, сокаците и маалата да не зборуваме. Ни верските институции не се поштедени, веројатно затоа што само турбофолкот е светост и ништо повеќе.
Причина за тоа е и што можеби не заслуживме подобро, па системот на пропаѓање на вредностите почна од музиката, која попатно речено е прв квалитет на Балканот кој пропадна. А квалитети имаше и тоа неоспорни. Сараево конкретно, од град на рокери и силен звук кој се слушаше во Балканските земји но и во Европа, за само неколку години стана град кој речиси воопшто и ја нема таа сцена. Ќе се осудиме да кажеме дека ја нема, бидејќи одамна поминаа тие времиња.
Забавниот звук, или поп музиката по 00:00 се претвораше во ноти кои се свират со последните клавиши на клавијатурата. Не е виновен тој кој го измислил турбофолкот, ниту тој кој го пее, виновен е тој кој дозволи системот на вредности да пропадне.
Од распадот на Југославија и војните кои се водеа на Балканот вредност беше само лесна забава и лесни пари, а зошто да се слуша некоја музика која луѓето можеби ја студираат во светот, кога во ера каде беснее војна, се сее страв, единствени вистински пари имаа турбофолк ѕвездите и политиката која ги доведе на националните телевизии во Србија, БиХ, Хрватска, Албанија, Македонија. Во Бугарија едно време не можевте да влезете како турист без касета од Лепа Брена или фотографија, постер или аксесоар, кој ќе ви овозможи полесен премин на границата. Прашајте кој било постар возач кој возел до таа дестинација.
Турбофолкот – Единствен самоодржлив балкански бренд
Тоа сега, за жал е единствен балкански тренд кој е самоодржлив и кој без инвестиции во иднина ќе цвета и ќе се развива во форми за кои пред само пет години мислевме дека се незамисливи. Сега имаме прогресивни фолк пејачки, готик турбофолк пејачки, модерни фолк пејачки и разни префикси кои едноставно не се вклопуваат во никаква синтагма, но поседуваат номенклатура и им се дава огромен медиумски простор.
Тој момент кога на националната телевизија Симфониски оркестар ќе го замени пејачка со кусо здолниште и деколте, а оперски пејач ќе биде заменет од „естраден уметник‟ кој пее т.н. „трилери‟, јасно е дека враќање назад повеќе нема.
Бренд лесно може да се создаде, уште полесно да се уништи, но враќање на старото повеќе нема. Телевизијата има огромна моќ. Таа креваше и рушеше власти, држави и нации. За жал, таа даде моќ на турбофолкот, како на „уметнички израз‟ кој „народот го сака‟, само тој, народот да не биде гладен.
Народ е збор кој почна да се употребува наместо поимот „човек‟ или во множина – луѓе, отприлика во ерата кога турбофолкот ги презема градовите, а народот денес е тој кој се прашува што му се слуша и за кого му се гласа. Бидејќи прво секогаш оди народот, па потоа човекот. Пред народот секогаш е турбофолк ѕвездата со раце широко отворени. И џебови.
Ни е жал, но тука поединецот не се прашуваше, бидејќи поединецот го замени маса раздерени грла кои едноставно обожуваа да пејат „Чачак, Чачак, шумадински рокенрол‟, во сите делови на поранешна Југославија, а потоа тоа еволуираше во порнографски содржини во фоно облик.
„Кога некој би ми понудил некој прстен од Господар на прстените или телевизијата, ја попрво би ја одбрал телевизијата‟, рече еден пејач на народна музика кој со тоа најдобро ја опиша денешната задача „Како турбофолкот го презема Сараево‟. А тој пејач своевремено се закануваше дека ќе „крши чаши од кристал‟.
Телевизијата, широките народни маси, „за вкусовите не се расправа‟, потрошувачките навики, менталитетот на просечниот граѓанин (читај - народ) кој сака добро да се забавува, кога сака да се забавува тогаш фрла пари во кафуле или локал, а најлесно се забавуваат со турбофолк. Рецепт кој не е прогласен за неуспешен ниту еднаш до сега. Насловот на културната пропаст е пред вас. Пробајте да го тестирате на себе.
„Нема повеќе господа во Сараево‟, се вели во филмот на Срѓан Вулетиќ „Лето во златната долина‟. Има господа, ќе ги најдете на сите турбофолк настапи во градот.
До некои подобри времиња, живејте или не живејте со овие зборови. Но, слушнете ги звуците на копитата.
Ново на Сител
-
Судир меѓу полиција и граѓаните во Нови Сад
-
Некои од најбучните раси кучиња
-
Ѓорги Начевски: И јас сум критичар на странски играчи, но мора да сме реални, тие ни се неопходни
-
Уапсена раководителка во железницата на Србија во врска со несреќата на Железничката станица во Нови Сад
-
Лавров: Русија ќе ги прекине непријателствата кога ќе го добие она што го сака во преговорите
-
За една недела санкционирани 149 непрописно паркирани возила во Општина Центар
-
Викендов 718 казни за брзо возење
-
ЕУ: Меѓународната заедница треба да се фокусира на постигнување сеопфатен, праведен и траен мир во Украина