Македонија
4. December 2015 - 15:21

Саем за волонтерство и активно граѓанство на Град Скопје

Саем за здруженија на граѓани за волонтерство и активно граѓанство на Град Скопје денеска се одржа во Младинскиот културен центар. Голем број здруженија на граѓани имаа можност на посебни штандови да ги претстават пред јавноста и присутните своите проекти, планови, активности и заложби, како и да учествуваат во многубројните работилници.

Саемот за здруженија на граѓани за волонтерство и активно граѓанство на Град Скопје за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

- Со поддршката на овој настан Град Скопје го потврдува своето настојување за учество во активностите со кои се промовира волонтерството и активното граѓанство, како вредности кон кои нашите граѓани треба да се стремат и да ги практикуваат. Затоа, особено ми е драго што овој пат НВО саемот не е само можност за претставување на граѓанските здруженија кои работат на територијата на Град Скопје, туку е и можност за нивно вмрежување и зајакнување на меѓусебната соработка, рече Трајановски. 

Саемот за здруженија на граѓани за волонтерство и активно граѓанство на Град Скопје се организира како дел од активностите за одбележување на 5 Декември, Меѓународниот ден на волонтерството. Организатори се Здружението на граѓани „Волонтерски центар Скопје", а финансиски е поддржан од Град Скопје.